МИГРЕНА

ШТО Е МИГРЕНА?

Мигрената е хронична, епизодно примарна главоболка. Симптомите по правило траат од 4 до 72 часа и може да бидат многу силни. Болката често е еднострана, но не секогаш, пулсирачка, се влошува со физичка активност и проследена е со автономни симптоми (пр. мачнина, чувствителност на светлина, звук и мириси).

Мигрената е најдолго позната и е една од најчестите видови главоболки, која се јавува периодично. Според различни истраувања, од неа страда од 8 до 20% од населението. Почеста е во градските, отколку селски средини или барем во град, пациентите почесто се јавуваатна лекар. Во детството и кај лица во трета животна доб е поретка. Кај жените мигрената се јавува 2 до 3 пати почесто отколку кај мажите и повеќето истражувања причината ја пронаоѓаат во поврзаноста на делувањето на хормоните и појавите на напади на мигрена. Мигренскиот напад најчесто е поврзан со менструланиот циклус, било на почетокот, на средината или на крајот од циклусот.

Во Европа, од мигрена боледуваат најмалку 65 милиони лица, што предизвикува милиони изгубени работни денови, па освен здравствени, мигрената има и јасни општествено-економски импликации.

Дефинитивната причина за појавата на мигрена се уште не е целосно јасна. Харолд Волф, се обидел да даде единствена теорија за појава на главоболката. Тој сметал дека аурата кај мигрената е последица на стеснување на крвните садови (вазоконстрикција), а самата главоболка е резултат на интензивно ширење на крвните садови (вазодилатација). Болката се засилува со излачување на соединенија најдени во околината на болните садови кои го намалуваат прагот на нејзината надразба. Сметал и дека тензиската главоболка е прекумерна мускулна контракција.

И васкуларната теорија за мигрената и теоријата за засилена мускулните контракции при главоболката од тензиски тип, заменети се со нов пристап на појава на болни стимуланси и нивно испраќање од мозокот, со воспалителна надразба на нервите, како и последично делување на ѕидот на крвните садови.

ШТО ПРЕДИЗВИКУВА МИГРЕНА?

Некои стручњаци наведуваат дека мигрената почесто се јавува кај одреден тип на лица: кои се интелегентни, амбициозни, темпераментни, чувствителни, со премногу обврски кои сакаат да ги завршат во многу краток рок, но тоа не е правило. Стресот е важен фактор во појавата на мигренски напад, а често се опишува и мигрена за време на викенд, кога лицето може да опушти, а некој потсвесен механизам тоа не го дозволува. Исто така, се опишуваат и временски промени како еден од факторите кои “годат“ за појава на мигренски напад, како и прекумерно изложување на жештина и сонце, односно на студено време.

Хормонското влијание јај жените и претходно е споменат, а често се опишува и одреден вид на храна кои поттикнуваат појава на мигрена, како сирења, чоколадо, кафе, разни алкохолни пијалаци, осцилации на шеќерот во крвта (посебно при диети за слабеење). Пушењето е исто така сигурен причинител за појавата на мигрена, потоа, недоволен одмор, непроспиени ноќи, предолго гледање ТВ или други светлосни стимули. Значи, било кој фактор кој доведува до дисхармонија и нарушување на животната рамнотежа, може да биде тригер за напад.

Сето горенаведено не треба да се земе како правило, секоја личност има различен фактор, или комбинација од неколку од нив, а понекогаш, и покрај деталната анализа, не е можно точно да се утврди што го предизвикало нападот.

Сепак, на глобално ниво, на луѓето со мигрена им се препорачува да се држат настрана од она што им штети и да се обидат да водат здрав начин на живот во хармонија со природата и со самите себе.

Мигрена е бенигна повторувачка главоболка и не е симптом на ништо друго. Пациентот нема никакви симптоми помеѓу нападите. Претходно, се сметло дека мигрена започнува во пубертетот и завршува со менопаузата кај жените и во педесеттите години кај мажите. Но, сега се чини дека може да започне уште во детството и да трае до седумдесеттата година од животот. Повеќето луѓе кои страдаат од мигрена, првиот напад го добиваат пред дваесеттата година од животот, а приближно еден од осум, пред да наполнат десет години. Ретко се јавува мигрена за прв пат по педесеттата година од животот.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ МИГРЕНА

Со оглед на тоа што мигрена може да се замени и со водспаление на синусите или со други форми на главоболка, добро е со овој брз тест за да утврдите дали она што и вас ве мачи е навистина мигрена?

Кога ве боли глава, дали:

  • Понекогаш „знаете“ дека доаѓа, дури и пред навистина да ве заболи?
  • Чувствувате ли како удари од тапан, длабоко во главата?
  • Чувствувате ли болка на едната страна од главата?
  • Чувствувате ли гадење или можеби повраќате кога имате главоболка?
  • Плачете ли или мислите дека ќе полудите од болка?
  • Имате ли проблеми со очите – гледате светки, ѕвездички, испрекинати линии?
  • Или, предметите ви изгледаат потемни, не ги гледате цели или се чудни?
  • Толку сте бледи и исцрпени што вашето семејство или пријатели забележуваат дека сте болни?
  • Ви пречи ли бучава или светлина?
  • Ви пречи ли некој да ве допре?
  • Најмногу би сакале да бидете сами (иако обично кога не сте добро, сакате да ве тешат)?
  • Забележувате ли дека чувството за мирис ви е променето?
  • Дали забележувате дека болката се влошува кога се движите?
  • Чувствувате ли како мравки во рацете и нозете?
  • Главоболката обично трае помеѓу 3 и 4 часа?

Ако на неколку од овие прашања одговоривте со „да“, тогаш сепак страдате од мигрена и најважно е да откриете како да спречите напад на мигрена, односно како да ја излекувате!