ШТО Е МЕЛАНОМ?
Меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузницата. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат низ другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде и фатален. Може да се најде и на други локализации.
Меланомот потекнува од меланоцитите, клетки кои го создаваат меланинот, пигмент кој ја дава бојата на кожата, косата и очите. Во кожата, меланоцитите се сместени помеѓу базалните клетки, на базалната мембрана, произведувајќи заштитен меланин. Најчесто, по боја, меланомите се кафени или црни, но понекогаш може да бидат со боја на кожата, црвена, розова, сина или бела.
Меланомите најчесто настануваат од веќе постоечки младежи, а помалку директно од кожата. Ризик за настанување на меланомот постои и кај т.н. обични младежи (бенки) ако повеќе пати се трауматизирани односно ако се на локализација на која постојано се изложени на триење (прерамки од градник, копче, ремен, раб на алишта, за време на бричење итн.)
Се разликуваат четири поттипа на меланом:
- Меланом со површинско ширење
- Меланом со нодуларно ширење
- Lentigo maligna
- Акрален лентигинозен меланом
Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, но и на деловите кои се заштитени со облека. Кај мажите меланомот најчесто се појавува на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на грбот и на нозете. Поттипот на малигнитетот може да влијае каде туморот ќе се развива; lentigo меланомот е почест на лицето, додека акралниот лентигинозен меланом е почест на дланките, стапалата или на ноктите.
ЗАСТАПЕНОСТ
Бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последниве години. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5%, што значи дека бројот на заболени се дуплира секои 10-15 години.
Во Европа годишно заболуваат околу 14 лица на 100.000 население. Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања. Во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Од ова може да се заклучи дека клучен фактор за добра прогноза е рано откривање на меланомот. Меланомот најчесто настанува во педесетите години од животот освен lentigo maligna меланомот – тип на меланом кој воглавно се јавува во седмата деценија од животот, најчесто на кожа која долготрајно е изложена на сонце (лице, раце). Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години, многу ретко во пубертет.
Меланомот главно се појавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е доста редок. Најмногу е распространет во Австралија и земјите со големо ниво на сончево зрачење.
Пациентите со меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом во однос на останатите луѓе од популацијата. Исто така, лицата кои претходно имале некој друг малигнен тумор на кожата имаат поголема можност за развој на меланом.
Во Р.С.Македонија во 2018 година вкупниот бројот на новозаболени од меланом е 133 со стапка на инциденца од 6.4/100 000 жители, додека бројот на новозаболени мажи изнесува 82 со стапка на инциденца од 7.9/100 000 мажи, а бројот на новозаболени жени изнесува 51 и стапка на ициденца 4.9/100 000 жени. Од меланом во 2018 година умреле 68 лица со стапка на морталитет од 3.3 на 100 000 жители, од кои 50 се мажи, а 18 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.8 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 1.7 на 100 000 жени.
СОНЧЕВО ЗРАЧЕЊЕ
Иако постојат бројни ризик фактори, карциномот на кожата обично е предизвикан од УВ зрачење од сонцето. Прекумерна изложеност на ова зрачење е најчеста причина за сите форми на рак на кожата.
Два главни вида на УВ зрачење на кои сме изложени навлегуваат во кожата на различни длабочини. Прекумерното изложување на сончевите зраци ќе почнат да ја оштетуваат ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, ова доведува до трајно оштетување на кожата и, на крајот, до рак на кожа.
Ограничената изложеност на сонце е корисна за сите. УВ-Б зраците стимулираат производството на витамин Д3, што е важно за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сонце секојдневно е сѐ што е потребно.
Додека, од една страна сонцето прави да се чувствуваме добро (оттука и популарноста на сончањето), од друга страна штетата што сонцето ја прави на кожата и телото ги надминува краткотрајните бенефити како што е доброто расположение.
Оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата.
Постојат три главни видови на УВ зраци од сонцето. Најопасните УВ-Ц зраци комплетно се апсорбираат од страна на озонската обвивка. Останатите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело.
УВ ИНДЕКС
УВ-индексот е меѓународна, научнa мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето. Таа се користи за да се опише силата на сонцето на одредено место и време. Индексот има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата.
РИЗИК ФАКТОРИ ЗА ПОЈАВА НА МЕЛАНОМ: – прекумерно (неконтролирано) изложување на сончево зрачење (професија или хоби) – пигментираност на кожата, односно лица со светла кожа – возрасни над 50 години – лица со над 50 бемки – меланом во фамилијата – личен податок за меланом – изгореници од сонце – интензивно сончање во краток временски период (на одмор), или „викенд“ сончање – користење на солариум – зрачна терапија – ослабен имунитет од хемотерапија, по трансплантација на органи, кај ХИВ/СИДА болни. |
ОПАСНОСТ И ЗНАЦИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ
Ризикот од развој на карцином на кожа е често поврзан со нашите гени. Сите индивидуи кои знаат за случаи на заболени од карцином на кожа во своето семејство и имаат тип на кожа која носи поголем ризик за развој на истиот треба да превземат мерки на претпазливост и еднаш годишно да одат на преглед кај дерматолог. Меланомот често не се препознава на прв поглед бидејќи тешко се разликува од обичните бенки или други бенигни тумори.
За поставување рана дијагноза на меланом се користи правилото А-B-C-D-E.
Промената е сомнителна ако е асиметрична (А), нема јасни граници (B) , ако се менува бојата (C), и ако пречникот е поголем од 6 мм (D). Еволуција (Е), (исто така – елевација) како што се промена на боја, големина, облик, површина, елевација и симптоми како што се јадеж или крварење се главни знаци за малигнитет. Исто така, појава на нови промени на здрава кожа кај индивидуи постари од 40 години се сметаат за сомнителни и во тој случај треба да се консултира дерматолог.
САМОПРЕГЛЕД НА КОЖАТА
Направете самопреглед на кожата еднаш месечно со помош на огледало:
- Вашата контрола треба да го опфати целото тело, напред и назад, со посебено внимание на областите изложени на сонце.
- Прегледајте го лицето, вклучувајќи го и носот, усните, усната шуплина и ушите.
- Прегледајте го скалпот, користете чешел за да ја делите косата на слоеви. Ако немате многу коса, не заборавајте да го прегледате целиот скалп многу темелно.
- Прегледајте ги дланките од предната и задната страна, помеѓу прстите и ноктите.
- Потоа фокусирајте се на вратот, стомакот и градите (жените треба добро да го прегледаат делот под дојките).
- Подигнете ја раката за да ја проверите надлактицата и пазувите.
- Со помош на мало огледало во големо огледало прегледајте ги тилот, рамењата, грбот и задниот дел на бедрата.
- Проверете ги задникот и задниот дел од нозете. Завршете со проверка на стапалата.
Следни чекори:
- Ако забележите сомнителна лезија, важно е да ја провери лекар или по можност дерматолог, што е можно побрзо.
- Ракот на кожа може да се третира, а раната дијагностика ги прави шансите за целосно закрепнување многу големи.
- Кога третманот е одложен, состојбата се влошува, а во некои случаи може да доведе до деформитети, компликации, па дури и смрт.
- Не дозволувајте со одложување да ги намалите вашите шанси за позитивен исход.