ШТО Е СИНДРОМ НА ИРИТАБИЛНИ ЦРЕВА?
Синдромот на иритабилни црева (IBS) е функционална, хронична или рецидивирачка гастроинтестинална болест која се карактеризира со болка во стомакот, надуеност и нарушено цревно празнење во форма на запек или пролив. Покрај тие непријатни знаци и симптоми, синдромот на иритабилни црева не предизвикува трајно оштетување на дебелото црево.
Болеста во нашиот регион се јавува кај околу 20 проценти од населението, а жените заболуваат најмалку двојно почесто отколку мажите. Овој синдром често се јавува пред 30. година од животот. Инаку, синдромот на нервозни црева е најчестата гастроинтестинална болест во светот.
Кај повеќето луѓе со синдром на нервозни црева, симптомите се подобруваат откако ќе научат да ја контролираат состојбата. Само мал број на луѓе со овој синдром имаат сериозни знаци и симптоми.
За разлика од сериозните цревни заболувања како што се улцерозен колитис и Кронова болест, синдромот на нервозни црева не предизвикува воспаление или промени во цревното ткиво и не го зголемува ризикот од рак на дебелото црево.
Во повеќето случаи, благодарение на правилната исхрана, начинот на живот и контролата на стресот, синдромот на нервозни црева може да се контролира.
ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА ОВОЈ СИНДРОМ?
Не е познато точно што го предизвикува синдромот на иритабилни црева, но врз основа на досегашните сознанија, се претпоставува дека синдромот е комбинација на гастроинтестиналната моторна и сензорна дисфункција, дисфункција на централниот нервен систем и претпоставено влијание на други патолошки фактори, вклучително и претходно инфективно воспаление на дигестивната цевка.
Инаку, многу луѓе со синдром на нервозни црева сметаат дека нивните знаци и симптоми се влошуваат кога јадат одредена храна. На пример, чоколадото, млекото и алкохолот можат да предизвикаат запек или дијареја. Газирани пијалаци и некои овошја и зеленчуци може да доведат до надуеност и непријатност кај некои луѓе со овој синдром. Улогата на алергијата на храна или нетолеранција на храна кај овој синдром сè уште не е разјаснета.
РИЗИК ФАКТОРИ
Многу луѓе повремено имаат знаци и симптоми на синдром на нервозни црева, но поголема веројатно да го имаат овој синдром имаат:
- Помлади луѓе – Синдромот на нервозни црева кај 50 проценти од пациентите се јавува пред 35. година од животот.
- Жени – Жените се разболуваат најмалку двапати почесто од мажите.
- Лица со позитивна семејна историја на синдром на нервозни црева – Истражувањата покажале дека луѓето чии роднини од прво колено имаат ваков синдром се изложени на поголем ризик од оваа состојба.
Ако имате грчеви и надуеност по консумирање главно на млечни производи, храна со кофеин или бомбони без шеќер, причината за вашите проблеми може да не е синдромот на нервозно црево. Имено, вашето тело можеби не може да толерира шеќер (лактоза) во млечни производи, кофеин или вештачки засладувач – сорбитол.
Бидејќи синдромот на нервозни црева се јавува двојно почесто кај жените, научниците веруваат дека хормоналните промени играат улога во оваа состојба.
СИМПТОМИ
Знаците и симптомите на синдромот на нервозни црева, во голема мера, може да варираат од личност до личност и често наликуваат и на оние на други болести. Меѓу најчестите се:
- болка во стомакот или грчеви
- чувство на надуеност
- гасови
- дијареа или запек – понекогаш наизменично се јавуваат запек и дијареа
- слуз во столицата
За повеќето луѓе, синдромот на нервозно црево е хронична состојба, во која доаѓа до подобрувања или влошување на знаците и симптомите, кои можат понекогаш и целосно да исчезнат.
Со оглед дека симптомите на овој синдром може да се појават и со други болести, најдобро е за вашите симптоми да поразговарате со вашиот лекар.
ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ
Внимателно земена анамнеза и физички преглед, со кои не се откриваат знаци на органска болест, значително го стеснуваат опсегот на дијагностичка обработка. Палпацијата на абдомен открива чувствителност, особено во долниот лев квадрант. Дигиторекталниот преглед е задолжителен кај секој пациент, а кај жените и карличен преглед.
Испитување на столицата за окултно крварење е задолжително. Почитувајќи ги спецификите на секој пациент, потребно е да се направат основни лабораториски анализи, а во различен опсег и функционални, ендоскопски и сликовни испитувања.