Што треба да знаете за алергиите – какви видови има и кои се знаците?

Алергија е прекумерна реакција на организмот на специфична, инаку нештетна материја или повеќе од нив, познати под зедничко име – АЛЕРГЕНИ, дури и тогаш кога се присутни во мала концентрација.

Алергијата е предизвикана од реакција на сопствениот имун (одбранбен) систем, кој всушност го штити телото од разни заболувања, така што создава антитела кои се борат против бактерии, вируси и микроби. Но, во случај кога лицето има алергија, имуниот систем претерано реагира и се обидува да го заштити организмот од инаку нештетни материи кои се наоѓаат во природата.

Кај лица кои не се алергични, имуниот систем ги запомнил алергените како безопасни материи, па ништо не презема при средба со нив. Кај алергичните лица, имуниот систем реагира бурно како да е во прашање инфекција и така се јавуваат симптомите на алергија.

ШТО ПРЕДИЗВИКУВА АЛЕРГИЈА?

Алергиска реакција предизвикуваат материи од нашата околина познати под името алергени. Алергените најчесто содржат протеин, како и храната што ја јадеме. Протеинот е органска материја која е важен дел од сите живи организми.

Постојат и некои непротеински алергени, кои се составен дел од пеницилинот или некои други лекови. За непротеинските алергени да предизвикаат алергиска реакција, еднаш кога ќе се најдат во телото, мора да бидат врзани на протеин.

Лице чиј имун систем верува дека алергенот е штетен за организмот произведува антитела (IgE) кои го напаѓаат алергенот. Овој процес предизвикува понатамошни биохемиски реакции кои предизвикуваат ослободување на воспалителни медијатори од воспалителните клетки – мастоцити, што доведува до алергиски одговор на организмот, што се манифестира со иритација, воспаление и, конечно, со појава на симптоми на алергија.

Потоа, се започнуваат разни биохемиски реакции во кои мастоцитите и еозинофилите ја имаат главната активност. Се отпуштаат и активираат многу воспалителни медијатори како хистамини, простагландини и леукотриени и се појавуваат симптоми на алергиско заболување.

Алергените можат да бидат различни, но најчести алергени се:

  • Домашна прашина и грини
  • Животински влакна и пердуви
  • Полен од дрвја, трева и плевел (коров)
  • Спори на мувла
  • Одредена храна, вклучително и млеко
  • Лекови
  • Измет од лебарка и отрови од инсекти

 

КАКВИ ВИДОВИ НА АЛЕРГИЈА ПОСТОЈАТ?

Во алергиските болести најчесто се вбројуваат алергиски заболувања на респираторниот систем:

  • алергиски ринитис (повремен или траен)
  • алергиски конјунктивитис
  • алергиска астма

Алергиски болести на кожата:

  • уртикарија
  • атопичен и контактен дерматитис

Останати алергиски болести:

  • алергија на храна
  • алергија на отров од инсекти
  • алергија на вакцини и лекови

Некои алергиски реакции може да предизвикаат анафилактичен шок и да бидат опасни за пречувствителните лица.

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ СИМПТОМИ НА АЛЕРГИЈА?

Како најчести симптоми на алергиска реакција во горните дишни патишта се јавуваат: назална конгестија (затнат нос), течење на нос, кивање, чешање на носот, чешање и солзење на очите.

Најчести симптоми на воспалителна реакција во долните дишни патишта (астма) се: иритирачка сува кашлица, свирење при дишење и отежнато дишење поради бронхоспазам, кој може да доведе и до задушување.

Воспалителната реакција на кожата (дерматитис) најчесто предизвикува уртикарија на кожа.

Алергијата на храна предизвикува чешање, црвенило на кожата или осип, затнатост на носот, грчеви во желудникот, повраќање, дијареја (пролив), па дури и проблеми со дишењето.