Ларингитис е воспаление на ларинксот, делот од грлото во кој се сместени гласните жици. Воспалението може да настане поради прекумерна употреба на гласот, иритација или инфекција.
Во случај на ларингитис, гласните жици се иритирани и воспалени, поради што лицата со ларингитис кога зборуваат звучат зарипнато, или едвај им се слуша гласот.
Ларингитисот може дa бидe акутен, односно краткотраен или хроничен. Повеќето случаи на акутен ларингитис брзо минуваат и не се опасни. Но, долготрајната зарипнатост треба да се испита бидејќи некогаш може да укажува и на нешто посериозно.
Освен зарипнат или слаб глас, ларингитисот може да предизвика и други симптоми како што се:
- Скокоткање во грлото
- Надразнетост
- Болка
- Суво грло
- Сува кашлица
Третманот на ларингитис вклучува одмарање на гласот, и пиење на повеќе течности, затоа што напињање на гласните жици за време на ларингитисот може да предизвика нивно оштетување. Доколку симптомите продолжат да трајат повеќе од две недели потребно е да се побара лекарска помош.
Но, постојат и некои ситуации кога во случај на ларингитис, е потребна итна медицинска интервенција. Симптомите кои бараат итна лекарска помош се следниве:
- Потешкотии со дишењето
- Искашлување на крв
- Долготрајно покачена температура
- Засилување на болката со тек на времето
Ваквите симптоми може да укажуваат и на некое посериозно и поголемо воспаление кое освен што го зафатило ларинксот, веројатно го зафатило и воздушниот пат под него, или да станува збор за епиглотитис. Во билокој од овие случаи потребно е стручно медицинско лице да превземе соодветни мерки.
Некомплицираниот ларингитис не е опасна состојба и најчесто минува сам од себе во домашни услови.