Замастен црн дроб – видови и опасности

Црниот дроб е најголемиот орган во човечкото тело, вклучен е во варењето на храната, складирањето на енергија, и во отстранувањето на отровите од телото.

Понекогаш се случува во црниот дроб да се насоберат маснотии, и да се развие замастен црн дроб.

Постојат два типа на замастен црн дроб:

  • Неалкохолен замастен црн дроб
  • Алкохолен замастен црн дроб, или алкохолен стеатохепатитис

Неалкохолен замастен црн дроб е болест при која се јавува оштетување во црниот дроб кое не е предизвикано од прекумерна употреба на алкохол.

Постојат два типа:

  • Едноставна форма на неалкохолен замастен црн дроб, при која во џигерот има насобрано масти, но нема воспаление или оштетување на црнодробните клетки.  Ваквата форма најчесто не предизвикува компликации или сериозно оштетување.
  • Неалкохолен стеатохепатитис – заболување при кое во црниот дроб има насобрано масти, но има и воспалување и оштетување на црнодробните клетки.  Како резултат на оваа болест можно е да настане фиброза, која понатаму може да премине и во цироза или рак и сериозно да го загрози животот.

Алкохолен замастен црн дроб е болест која е последица на прекумерно конзумирање на алкохол.  Во нормални услови, алкохолот кој го пиеме се метаболизира во џигерот и штетните супстанции се отстрануваат од телото.  Но во случај на алкохолизам, количеството на токсичните супстанции е толку големо, што тие почнуваат да ги оштетуваат црнодробните клетки создаваат воспаление и го намалуваат природниот одбрамбен систем на организмот.

Алкохолизмот сериозно може да го оштети црниот дроб, прва фаза од оштетувањето е замастувањето, потоа може да следат алкохолен хепатитис и цироза.

Кога се зборува за тоа кој е на ризик за да развие замастен црн дроб во случај на неалкохолно потекло, причината е непозната, па така тешко е да се посочи и ризичната група.

Но, во основа, забележано е дека ваков тип на замастен црн дроб почесто се јавува кај лицата со дијабетес, кај гојазните лица, кај оние со висок холестерол и триглицериди во крвта, кај оние со висок крвен притисок, а понекогаш може да се појави и како последица на употреба на кортикостероиди или некои антиканцер лекови.  Може да се појави и при нагло губење на телесната тежина, при инфективни заболувања, како што е случајот со хепатитис Ц, и при изложеност на некои отрови.

Алкохолниот тип на замастен црн дроб се јавува кај алкохоличарите и тоа особено кај оние кои пијат подолго време, со тоа што повеќе се јавува кај кај жените, и кај гојазите лица.

И давата типа на замастен црн дроб речиси и да не покажуваат симптоми, најчест симптом е силното чувство на премор и болка горе на десната страна во стомакот.