Розацеата е состојба која ја зафаќа кожата на лицето, симптомите вклучуваат црвенеење, појава на точки, задебелување на кожата, но и проблеми со очите.
Не сите симптоми се појавуваат кај сите лица, во најголем број на случаи симптомите се со среден интензитет и доколку се појави потреба кожата се третира со локален антибиотик.
Најсериозната компликација, која ја зафаќа корнеата на окото не се јавува често, но доколку се појави болка во очите или проблеми со видот веднаш треба да се побара лекарска помош.
Најчесто розацеата се појавува на носот, образите и на челото. Но, понекогаш може да ги зафати и градите, ушите и вратот.
Во некои случаи розацеата предизвикува и симптоми кои наликуваат на појавата на акни, но сепак се разликува од акните поради присаството и на другите симптоми:
- Често вцрвување на лицето – ова често е првиот симптом за развој на розацеа, и може да трае со месеци па дури и со години пред појава на розацеата.
- Црвенило на делови од лицето – појавата на еритема на делови од лицето која наликува на изгореници од сонце, истотака може да укажува на појава на розацеа.
- Мали испакнати црвени точки и мали цисти – овие појави на кожата асоцираат на акни, некогаш се повлекуваат сами и повторно се појавуваат, а понекогаш им треба и соодветен третман.
- Мали крвни садови кои се видливи на лицето – оваа појава се нарекува телангиектазија и понекогаш е доста видлива на лицето.
- Симптоми на очите – симптомите на очите кои се нарекуваат и окуларна розацеа тие може да се појават кај половина од лицата кои страдаат од розацеа. Овие симптоми најчесто се со среден интензитет и вклучуваат:
- Чувство на нешто во окото
- Печење, боцкање или чешање во очите
- Сувост во очите
- Чувствителност кон светлина
- Проблеми со очните капаци, како цисти или воспаленија (блефаритис) – воспалението и инфекцијата на предниот дел на окото (корнеата) не е честа појава , но доколку се појави може да е доста сериозна, и потребно е итно да се побара лекарска помош
- Задебелување на кожата – во некои случаи можно е да дојде и до задебелување на кожата особено на носот, ова не е многу честа појава, но забележано е дека повеќе се појавува кај мажите
Розацеата воглавно не предизвикува болка или чешање, но во некои случаи забележано е нелагодна појава на пржење на зафатената кожа. Иако розацеата често не предизвикува сериозни компликации, таа сепак претставува естетски проблем и предизвикува голем стрес.