Најчести болести за кои причина може да е стресот

Познато е дека стресот може да биде причинител на многу болести.  Преголемата изложеност на стрес негативно влијае и врз телото и врз умот, а неминовно го намалува и имунитетот пришто ја зголемува подложноста за разболување и од различни инфективни заболувања.

Најчестите здравствени проблеми кои може да бидат последица на стресот се следните:

1.Проблеми со срцето 

Стресот ја забрзува срцевата работа, може да предизвика палпитаци, па дури да доведе и до покачување на крвниот притисок.  Со тек на времето ова може да доведе до проблеми во нормалната срцева функција. 

2.Несоница 

Стресот е најчестата причина која ги држи луѓето будни во ноќните часови или им оневозможува непречен и квалитетен сон.  Насобраните грижи и проблеми создаваат напнатост која не му дава на телото да потоне во мирен сон и квалитетно да се одмори, сличен ефект има и гледањето на телевизиски програми со тензична или негативна содржина непосредно пред спиење. Последователно, недоволниот ноќен одмор го зголемува нивото на стрес и се создава маѓепсан круг. 

3.Нарушувања во режимот на исхрана

Големото ниво на стрес води до компулсивно посегање по нездрава храна, најчесто тоа се слатки, тестенини и процесирана храна, а тоа последователно води до добивање на прекумерна телесна тежина, но и сериозно може да го наруши здравјето.

Од друга страна постојат и луѓе кои при изложеност на стрес ја губат желбата за јадење, па можат прекумерно и да осласбнат или да се изнемоштат.

Посегањето по алкохолни пијалоци за да се избега од реалноста и добие лажно чувство на опуштеност и победа над стресот истотака е негативна, но за жал честа појава.
4.Депресија и анксиозност

Долготрајниот стрес ги исцрпува адреналните жлезди и создава чувство на умор, истоштеност и незадоволство, што доколку потрае може да премине и во појава на проблеми во менталното здравје, како што е на пример развојот на депресија или анксиозност, па дури и појава на панични напади.

5.Чести настинки

Честите настинки или подложноста кон вирусни заболувања истотака може да е резултат на стрес, кој довел до намалување на имунолошката функција на организмот.  Луѓето кој се под постојан стрес многу почесто се разболуваат, исцрпени се и немаат доволна виталност и енергија.

6.Проблеми со циркулацијата

Како резултат на телесниот одговор кон стресот, артериите и вените во телото се стегаат, компресијата го намалува нормалниот доток на крв во различни делови од телото, и може да доведе до создавање на тромбови, ослабена циркулација, па дури и до појава на мозочен удар.

Со стресот се поврзува и развојот на дијабет, метаболен синдром, канцер и токму поради сериозноста на болестите, доброто менаџирање на стресот особено во времето во кое живеме денес треба да биде дел од сечие секојдневие.