Акни честа појава, која е повеќе од козметички проблем

Акните се непријатна појава, настануваат како резултат на затнување на фоликулата на влакното со маснотија и одумрени клетки.

Иако појавата на акните е најчеста кај тинејџерите, сепак тие можат да се појават и кај луѓето од сите возрасти.

За третирање на овој проблем постојат неколку методи, но за сите е заедничко дека е потребна голема упорност.  Животот со акни многу фрустрира, бидејќи заздравувањето на мозолчињата е доста бавно, и често се случува кога едно конечно ќе заздрави, веднаш да се појави ново.

Во зависност од степенот на сериозност, акните можат да остават и трајно оштетување и лузни по кожата, а заедно со тоа да предизвикаат и проблеми на емотивно ниво.  За да се избегнат вакви последици, се препорачува со третманот на акните да се започне колку што е можно поскоро.

Општите препораки за третман на акни, се да се започне со поголема грижа за своето лице во домашни услови, а доколку тоа не даде резултат да се посети матичниот доктор, кој во зависност од сериозноста на проблемот може да закаже и посета на дерматолог.

Доколку кај постарите лице одненадеж се појават сериозни акни, тоа не смее да се игнорира бидејќи во овој случај акните може да сигнализираат дека во телото постои некоја друга болест, за која е потребна медицинска интервенција.

Кога се зборува за причината за појава на акните, се смета дека има 4 главни фактори:

  • Прекумерно создавање на себум
  • Запушување на фоликулите на влакната
  • Бактерии
  • Воспаление

Најчесто акните се појавуваат на лицето, но може да се појават и на горниот дел од грбот, на рамениците, на градите, односно токму на оние места каде има најмногу жлезди кои лачат себум.

По затнувањето на фоликулот на влакното, се појавува мозолче со бел врв, кое потоа може да се претвори во црнка.  Црнката понекогаш личи како во пората да има заглавено нечистотија, но во пората всушност има бактерии и себум кои добиваат темна боја при контакт со воздухот од надворешната средина.

Мозолчињата се црвенкасти по боја, а блокадата на фоликулите и воспалението кое постои ги прават да личат на испакнати цисти на површината на кожата.

Постојат некои дополнителни фактори кои можат да го влошат појавувањето на акните, тоа на пример се:

  • Хормоналните промени – андрогените хормони чија концентрација расне за време на пубертетот и кај девојчињата и кај момчињата, се хормони кои ги стимулираат жлездите да лачат повеќе себум, затоа токму тинејџерите се поподложни на појава на акни. Акни поради промената во нивото на хормоните може да се појават и кај жените во средна возраст.
  • Одредени лекови – употребата на кортикостероиди, тестостерон или литиум честопати е поврзана со појавата на акни.
  • Изборот на храна – храната влијае врз севкупното здравје на човекот, вклучувајќи го и здравјето на кожата. Така на пример докажано е дека храната која е богата со јаглехидрати допринесува за влошување на проблемот со акните, а од друга страна исхраната богата со Омега- 3 масни киселини може да делува позитивно.
  • Стрес – стресот е можеби и главниот непријател на човечкото здравје.  Неконтролираниот стрес може да ја зголеми или влоши појавата на акни, и токму затоа лицата кои страдаат од овој проблем треба да изнајдат за нив ефикасни методи за здраво менаџирање на стресот.