Високиот холестерол може да предизвика опасно насобирање на холестерол, но и на други депозити на ѕидовите од артериите. Овие депозити ќе го отежнат протокот на крв низ крвните садови и на тој начин може да доведат до појава на болка во градниот кош (ангина), срцев или мозочен удар.
Ова насобирање на депозити од холестерол, масти, калциум и други супстанци во внатрешноста на артериите, се нарекува атеросклероза.
Артериите се крвните садови кои се одговорни за дотур на кислород и хранливи материи до клетките, како последица на атеросклерозата тие можат да се стеснат, да се зацврстат, па дури и комплетно да го блокираат дотокот на крв, што се манифестира како болка, намалена функција, а може да доведе и до смрт.
Во тешките облици на атеросклероза, или во случаите кога ќе се формира и откине тромб, може да дојде до срцев или мозочен удар, кој за жал може да заврши и фатално.
Високиот холестерол нема симптоми, но кога ќе дојде до појава на атеросклероза во зависност од тоа кој дел од телото е зафатен, таму ќе се појават и симптомите.
Најчестиот симптом на атеросклерозата е болката, таа може да се јави во пределот на градите, или рацете рамениците и вилицата.
Другите симптоми вклучуваат недостаток на здив, брзо покачување на телесната тежина, отекување на долните екстремитети, и сето тоа може да посочува на откажување на срцето.
Доколку атеросклерозата го зафати мозокот, тогаш се појавува и цела редица на неспецифични симптоми како конфузија, локализирана слабост, или парализа на еден или повеќе екстремитети.
Можно е да дојде во потешкотии во говорот, и доколку тоа се случи можно е да станува збор за мозочен удар или транзиторен исхемичен напад.
Доколку атеросклерозата зафатила други делови од телото, тогаш симптомите кои ќе се појават ќе бидат поврзани со функцијата на таа мускулна група или орган.
На пример ако има атеросклероза во нозете тогаш би се појавиле болки при физичка активност, особено при трчање или пешачење.
Доколку се зафатени артериите во дигестивниот систем тогаш симптомите се манифестираат како повраќање или лошење после оброкот.
Поради сериозноста на компликациите кои може да ги предизвика високиот холестерол, односно атеросклерозата, подобро е нивната појава да се спречи, со превземање на следниве мерки:
- Да се јаде немрсна и несолена храна, со поголем внес на зеленчук, овошје и интегрални житарки.
- Да се ограничи внесот на штетни маснотии и да се користат здрави масти
- Да се намалии прекумерната телесна тежина
- Да се прекине со пушење цигари
- Да се вежба повеќето денови во неделата, најмалку по 30 минути
- Воопшто да не се пие алкохол, или да се намали неговиот внес
- Да се превземат мерки за менаџирање на стресот