Од нашето раѓање па се до 25 годишна возраст, во човечкото тело процесот на создавање на ново коскено ткиво е поизразен отколку процесот на негова загуба и разградување.
Во овој период коските забрзано раснат, се издолжуваат, но истовремено се зголемува и нивната густина од која зависи и коскената цврстина и отпорност кон кршење.
Остеопорозата често ја нарекуваат и тивка состојба. Тоа е така затоа што најочигледен симптом е кршењето на коските, а тоа се случува кога коските веќе ја загубиле својата нормална густина.
Други не многу впечатливи, но пропратни симптоми се: губењето на телесната висина, промените во поставеноста на телото, и појава на болка.
Од 25 до 50 годишна возраст обновувањето и разградувањето на коските се одвиваат со ист интензитет, односно постои баланс.
Но, откако ќе достигнеме 50 годишна возраст како природен дел од процесот на стареење, процесот на разградување на коскеното ткиво започнува да доминира над процесот на неговото обновување.
Но, иако оваа појава се случува кај сите луѓе сепак тоа не значи дека буквално секој би добил остеопороза.
За појавата на оваа болест освен возраста, влијание имаат и многу други фактори.
Општо е познато дека еден од тие фактори е и полот, и дека остеопорозата почесто се јавува кај жените отколку кај мажите, но на прашањето дали мажите се поштедени од нејзината појава, одговорот е дека не се.
Остеопорозата не случајно е помалку присатна кај машкиот пол, тоа е така поради некои од следниве причини:
- Мажите воглавно имаат поголем скелет
- Кај мажите нема менопауза односно нагло намалување на нивото на естроген
- Загубата на коскеното ткиво кај мажите се случува побавно отколку кај жените отприлика до 65 или 70 годишна возраст, а потоа интензитетот е ист.
Но, од друга страна сепак постојат и ризик фактори за појава на остеопороза и кај мажите, и некои од нив се следниве:
- Фамилијарна историја на остеопорозa, кршење на коски или намалување на висинатa
- Хронични болести – како ревматиден артритис, хипертироидизам или хиперпаратироидизам, хронични болести на црниот дроб, бубрезите или цревата, како и состојби кои го намалуваат нивото на тестостерон во телото
- Редовна употреба на некои лекови – како кортикостероиди, антиконвулзивни лекови, антидепресанти итн.
- Начинот на живот – тука негативно влијаат штетните навики како прекумерно пушење или пиење алкохол, недоволната физичка активност, недостатокот на витамин Д и калциум итн.
Но, без оглед дали остеопорозата се појавила кај маж или кај жена, потребно е истата да се дијагностицира и потоа да се превземат соодветни мерки за нејзино менаџирање, кои вклучуваат употреба на лекови, додатоци во исхраната и позитивна промена во животниот стил, а доколку станува збор з асекундарна остеопороза, тогаш потребно е да се лекува и примарната болест.
