Дали синдромот на хроничен замор станува дел од секојдневието

Синдромот на хроничен замор е состојба која се почесто се среќава, а чија причина сеуште останува непозната.

Се карактеризира со чувство на претеран умор кој може да трае и повеќе од шест месеци, а не е предизвикано од некое постоечко заболување.  Со физичка или ментална активност преморот уште повеќе се зголемува, а не поминува ниту после одмарање.

Најчести проблеми со кои се соочуваат лицата кои имаат синдром на хроничен замор се:

  • Спиење при кое не се одмораш
  • Потешкотии со меморијата, фокусот и концентрацијата
  • Зашеметеност која се влошува при станување од лежечка или од седечка состојба

Конкретната причина е непозната, но постојат повеќе теории кои како причинители на хроничниот замор ги посочуваат вирусите и психолошкиот стрес.  Во последно време се спомнува и генетската предиспозиција, но повеќето научници се согласуваат дека станува збор за комбинација на фактори.

За дијагностицирање на оваа состојба не постојат никакви тестови, туку се тестира присуството на други заболувања кои би дале слични симптоми, со цел да се исклучи нивното постоење.

Третманот на овој синдром се темели само на изнаоѓање на начини за подобрување на симптомите.

Но, и самите симптоми варираат од човек до човек, а нивниот интензитет и кај едно исто лице од ден на ден е променлив.

Најчести симптоми на синдромот на хроничен замор се:

  • Премореност
  • Проблеми со меморијата и концентрацијата
  • Болки во грлото
  • Главоболки
  • Зголемени лимфни јазли во вратот или под пазувите
  • Необјаснива болка во мускули или зглобовите
  • Зашеметеност која се влошува при станување од лежечка или седечка положба
  • Неодмореност после спиење
  • Екстремен премор после физичка или ментална работа

Затоа што преморот може да биде и симптом на многу други заболувања, потребно е да се посети лекар и да се провери што е причината за преголемата истоштеност.