Епиглотитис – најсериозна горна респираторна инфекција

 

Горна респираторна инфекција е инфекција која го зафаќа горниот дел од респираторниот систем.  Симптомите вклучуваат течење на нос, грлоболка и кашлање.  Третманот најчесто вклучува одмарање, внесување на повеќе течности и употреба на лекови без рецепт.  Ваквите инфекции вообичаено поминуваат сами од себе.

Горно респираторната инфекција може да ги зафати синусите и грлото.

Во ваков вид на инфекции спаѓаат:

  • Настинка
  • Епиглотитис
  • Ларингитис
  • Фарингитис
  • Синуситис

Ваквите инфекции најчесто се предизвикани од вирус или бактерија кои навлегле во респираторниот систем, директно по пат на воздушни капки кога друго болно лице зборувало, кашлало или кивало, или преку контакт со раце.

Овие инфекции се чести и може да ги фати билокој.  На поголем ризик се изложени децата, поради не добро или не редовно одржување на хигиена, и поради често допирање на очите, носот и устата.

Поголем е ризикот и за лицата со послаб имунитет, како и лицата со болести на срцето и белите дробови.

Времетраењето на инфекцијата може да е од една до две недели.  И во тој период важно е да се внесуваат повеќе течности.  Доколку инфекцијата продолжи да трае повеќе од две недели потребно е да се посети доктор.

Иако и бактериите може да предизвикаат вакви инфекции сепак вирусите се почест причинител, и токму затоа не се препорачува самоиницијативно лекување со антибиотици.

Прекумерната и неоправдана употреба на антибиотици може да доведе до развој на резистенција на бактериските соеви кон најупотребуваните антибиотици, и кога навистина би било потребно да се даде антибиотик тој би можел да биде потполно неификасен.

Од неколкуте видови на горни респираторни инфекции, само епиглотитисот бара итна медицинска интервенција.

Во случај на епиглотитис инфекцијата и воспалението се локализирани на горниот дел од трахеата во задниот дел од усната празнина.  Доколку дојде до отекување на епиглотисот можно е да се блокира протокот на воздух и пациентот да има отежнато дишење.

Проблем може да се појави и со голтањето, и понекогаш е потребно интравенски да се обезбеди внес на хранливи состојки и да се обезбеди доволен дотур на кислород додека да се повлече отокот.   За повлекување на отокот понекогаш се употребуваат и стероиди, но самомедикацијата со вакви лекови треба да се избегнува.