Фарингитис претставува воспаление на фаринксот, односно на задниот дел од грлото. Може да предизвика болка гребење во грлото и потешкотии со голтањето.
Појавата на фарингитис е почеста за време на зимските месеци, и се смета дека е најчеста причина поради која работниците отсуствуваат од работа.
Причинител на ова воспаление на фаринксот може да биде бактериска или вирусна инфекција.
Фаригитисот може да бидe дел од повеќе болести, а некои од нив се:
- Сипаници
- Аденовирус
- Варичела
- Магарешка кашлица
- Стрептококна инфекција
- Грип
- Настинка
- Мононуклеоза
Иако фарингитисот почесто е предизвикан од вируси, сепак може да биде предизвикан и од бактериска стрептококна инфекција.
Во случај да е предизвикан од бактерии како стрепотококус од групата А, коринебактериум, гонореја или хламидија, терапијата вклучува и употреба на антибиотици.
Во случај кога предизвикувачот е вирус, не треба да се даваат антибиотици бидејќи со нив не би се постигнал никаков позитивен ефект, туку напротив би можеле да допринесат за една се почеста негативна појава, а тоа е развој на резистентност на бактериите кон одредени антибиотици.
Искуството покажало дека ризикот за развој на фарингитис е поголем кај лицата кои почесто настинуваат, кај пушачите, кај лицата со алергии, но и кај медицинските работници.
Освен симптомите во грлото, фарингитисот може да биде пратен и од кивање, течење на нос, главоболка, кашлица, изнемоштеност, болки во телото, температура која е не е многу покачена при настинка, но е на пример повисока при грип.
Доколку фарингитисот е дел од мононуклеоза, тогаш симптомите вклучуваат и:
- Отечени лимфни јазли
- Силна изнемоштеност
- Покачена температура
- Болки во мускулите
- Општа малаксаност
- Губење на апетитот
- Осип
Во случај на стрептококна инфекција, се појавуваат и:
- Потешкотии со голтањето
- Црвено грло, со бели или сиви наслаги
- Чуден вкус во устата
- Отечени лимфни јазли
Фарингитисот најчесто се третира во домашни услови, пришто се препорачува да се пијат повеќе течности, да се јаде топол бујон, да се прави гаргара со солена вода, доколку е возможно да се седи во просторија каде има навлажнувач на воздух и доволно да се одмара.
Во поглед на заразност, периодот во кој пациентот е заразен за околината зависи од основната причина која довела до фарингитис. Така на пример ако фарингитисот се јавил поради вирус, заразниот период се смета дека трае се додека е покачена температурата.
Додека станува збор за стрептококна инфекција, заразниот период е од појавата на симптомите, па се додека да минат 24 часа од употребата на антибиотикот.