Главоболка и причини за нејзината појава

Главоболката е многу честа состојба која се јавува повеќепати во животот на еден човек.  Главен симптом е чувството на болка во главата или во лицето која може да е остра или тапа, постојана или периодична.

Иако има можеби и над 150 видови на главоболки нивната основна поделба е на примарни и секундарни.

Примарните главоболки се јавуваат сами по себе и не се последица на некое друго заболување.

Секундарните главоболки се појавуваат како резултат на постоење на некоја друга болест или здравствен проблем.

Најчеста причина за појава на секундарна главоболка се следниве состојби:

  • Болест на крвните садови во мозокот
  • Повреда на главата
  • Висок крвен притисок
  • Инфекција
  • Преголема употреба на лекови
  • Запушени синуси
  • Траума
  • Тумор

Истражувањата покажале дека главоболката е резултат на интеракција на сигнали во мозокот, крвните садови и околните нерви.  За време на главоболката, непознат механизам ги активира специфичните нерви кои влијаат врз мускулите и крвните садови, и токму овие нерви на мозокот му испраќаат сигнали за болка.

Најчести тригери за појава на тензиски главоболки се:

  • алкохол
  • промени во патерната на јадењето и спиењето
  • депресија
  • силен емотивен стрес
  • прекумерна употреба на лекови
  • преоптеретување на очите, вратот или грбот поради недобро држење на телото
  • осветлувањето
  • вревата
  • промените во времето

И токму еден од главните начини за третирање на главоболката е да се откријат тригерите кои водат до неа, и со нивно одбегнување да се намали бројот на главоболки.

За третман на главоболки понекогаш се употребуваат и лекови но не секоја главоболка бара ваков пристап.  Главоболките во денешно време се третираат и со техники како што се стрес менаџмент и биофидбек.

Релаксирачките техники кои се користат во стрес менаџментот како што се длабокото дишење, мускулната релаксација, визуелизација итн помагаат во намалувањето на тензијата, и на тој начин можат да помогнат при главоболка.

Биофидбекот учи како да препознаеме кога во нашето тело се насобира тензија, како нашето тело реагира при стресни ситуации и како да се смириме.