Хипертензија и важноста од нејзиното навремено откривање

Покачениот крвен притисок или хипертензија е болест која тешко се открива, но може да предизвика сериозни последици.

Општо е познато дека врз вредноста на крвниот притисок многу влијае и самиот начин на живот.

Нездравата исхрана и недоволниот сон, како и намалената физичка активност, и секојдневната изложеност на зголемено ниво на стрес, негативно влијаат на човековото здравје, и истовремено претставуваат голем ризик фактор за развој на хипертензија.

Хипертензијата е болест која не се препознава преку појава на впечатливи симптоми и токму затоа  меѓу народот е позната и како “тивок убиец”.

Симптомите најчесто почнуваат да се чувствуваат дури кога болеста е во понапредна фаза, а единствен начин за навремено откривање на оваа болест е мерењето на крвниот притисок.

Крвниот притисок не само што редовно треба да се проверува при посетата на лекарската ординација туку пожелно е да  се мери и во домашни услови, особено доколку лицето се сомнева во постоењето на таков проблем.

Почесто контролирање на вредноста на крвниот притисок се препорачува и во случај на постоење на фамилијарна историја на хипертензија.

Во лекарска ординација или дома многу е важно состојбата да се следи затоа што последиците од неконтролираната хипертензија можат да бидат и опасни по животот.

Доколку со редовно мерење на притисокот се увиди дека вредноста на крвниот притисок е над нормалната, дури и без присуство на симптоми, потребно е веднаш да се превземат мерки за негово намалување и вредностите да се доведат во рамките на нормалата.

Прво што се советува по дијагностицирањето на хипертензијата е итна промена на начинот на живот и исхраната.

Од исхраната треба прво да се исфрли солта и солената храна, вклучувајќи ги и сувомеснатите и конзервирани производи.

Редовната  физчка активност истотака придонесува за регулирање на крвниот притисок, а може да помогне и во случај кога пациентот треба да ја намали покачената телесна тежина.

Важно е и здравото менаџирање на стресот со употреба на различни делотворни практики, затоа што постојат многу докази дека стресот има способност негативно да влијае и да го покачи крвниот притисок.

Доколку овие методи не вродат со добар резултат, тогаш може да се додадат и додатоци во исхраната, а доколку и тоа не помогне тогаш  по препорака од лекар се почнува со користење на антихипертензивни лекови.