Хламидија е сексуално пренослива болест која често може да предизвика инфекција и кај мажите и кај жените.
Доколку не се третира навреме може да доведе до трајно оштетување на женскиот репродуктивен систем и да оневозможи во иднина да се случи бременост или да предизвика ектопична бременост.
Хламидијата се пренесува при секаков вид на сексуален однос, а може да се пренесе и од мајката на новороденчето при процесот на раѓање.
Сто процентна заштита од хламидија може да имаат само оние кои не се сексуално активни, а за намалување на ризикот се препорачува одржување на интимен контакт само со еден човек на подолго време под услов да е тестиран и да нема хламидија.
Кондомите истотака го намалуваат ризикот од добивање на оваа сексуално пренослива болест, но само кога се користат на правилен начин.
Хламидијата не секогаш предизвикува видливи симптоми, но може да предизвика сериозни проблеми во здравјето дури и без нивната појава.
Доколку се појават симптоми, тие кај жените се во форма на:
- абнормален вагинален исцедок,
- печење при мокрење,
- крварење измеѓу менструалниот циклус
А кај мажите:
- исцедок од пенисот,
- печење при мокрење
- болка или отекување во едниот или во двата тестиси.
Инфекција со хламидија може да се појави и во делот на ректумот, како последицана анален секс или поради проширување на инфекцијата од вагината. Симптомите на инфекција со хламидија во ректумот вклучуваат појава на:
- ректална болка
- исцедок
- крварење
Присаството на хламидија се проверува со помош на соодветни лабораториски тестови, и доколку се докаже нејзиното присаство потребно е да се започне со терапија.
Три месеци по завршената терапија, потребно е да се направи контрола.
За време на терапијата потребно е да се апстинира од сексуални односи, и истовремено треба да се лекуваат двата партнера.
Со интимните односи може да се продолжи седум дена по завршената терапија доколку терапијата се спроведува во еден ден, а доколку лековите се земаат седум дена тогаш со сексуалните односи се продолжува по завршувањето на нивната употреба.
Излекувањето не е заштита од повторна инфекција, и токму затоа после излекувањето потребно е да се продолжи со практикување на превентивните мерки.