Има ли лек за трихомонијаза

Трихомонијаза е сексуално пренослива болест, која се појавува често и е пратена со редица на непријатни симптоми кои вклучуваат чешање, иритација и исцедок кај жените, и болка при уринирање кај мажите.

Предизвикувач на ова инфективно заболување е паразитот Trichomonas vaginalis.  Симптомите се појавуваат од неколку денови до неколку месеци по заразувањето, но и во периодот кој е без симптоми можно е да дојде до пренесување на заразата на друго лице.

Кај жените симптомите се појавуваат најчесто во период од една до четири недели, во форма на:

  • Иритација и чешање на вагината и околните ткива
  • Пенлив и обоен исцедок
  • Силен вагинален мирис
  • Болка при односот
  • Болка при уринирање

Кај мажите можно е симптоми воопшто и да не се појават, а кога ќе се појават тоа се:

  • Болка при уринирање
  • Болка при ејакулација
  • Исцедок
  • Нелагодно чувство во пенисот

Доколку жената се зарази со трихомонас за време на бременоста, може да дојде до предвремено пораѓање или до раѓање на бебе со помала телесна тежина.

Трихомонасот може да се детектира со соодветни лабораториски тестови, каде како примерок најчесто се користи брис.

По поставувањето на дијагнозата се дава антимикробна терапија која најчесто трае седум дена и во тој период потребно е да се апстинира од сексуални односи, и никако да не се употребува алкохол затоа што алкохолот во комбинација со лекот може да предизвика многу сериозн несакани ефекти, вклучувајќи го и наглото покачување на притисокот како и недостатокот на здив.

Најчесто употребуван лек е метронидазол.

Доколку инфекцијата не се излечи за седум дена, потребна е упорност при која се продолжува со антимикробната терапија,а дозите ги одредува лекар.

Секогаш е потребно да се лекуваат и двата партнера.

По излекувањето на оваа инфекција не се создава имунитет кон неа, и токму затоа што е возможно реинфицирање, треба да се внимава и ако не се апстинира од сексуални односи, потребно е да се користи кондом кој го намалува ризикот но не пружа комплетна заштита.

Како и во случајот на другите сексуално преносливи болести, и трихомонијазатаосвен при самиот интимен однос, може да се пренесе и при контакт кожа на кожа во инфицираниот регион.