Изборот на храна во животот со ревматиден артритис

 

Исхраната може да влијае позитивно врз голем број на хронични заболувања, но дали одредениот тип на исхрана помага и во случајот со ревматидниот артритис, мислењата се поделени.

Најверојатно тоа е така, затоа што сите пациенти се случај за себе и не постои универзално решение за сите.

Многу поборници на здравиот начин на исхрана тврдат дека веганската или вегетаријанска исхрана може да им помогне на оние кои страдаат од ревматиден артритис.

Ваквите тврдења се поткрепени и со студии кои покажале дека ваквата храна го намалува хроничното воспаление во телото, а се покажала позитивна и за одржување на здравјето на цревата, во намалување на болката и отокот, и во намалување на прекумерната телесна тежина.

Познато е дека здравјето на цревата честопати е нарушено во случај на автоимуните заболувања, и дека поради тоа компоненти од храната успеваат да стигнат до крвотокот каде предизвикуваат бурна имунолошка реакција која понатаму негативно се одразува врз организмот.

Несоодветниот имунолошки одговор освен кон натрапникот од храната е насочен и кон некое домаќинско ткиво пришто настанува воспаление.

Растителната храна докажано помага во борбата со гојазноста, а прекумерната телесна тежина дополнително им го отежнува животот на лицата со ревматиден артритис.

Постојат и студии кои говорат за позитивното влијание на морската храна кај овие луѓе, но има и такви наоди кои предупредуваат за опасностите од храната која е особено штетна за луѓето со ревматиден артритис, како на пример месо кое е зготвено на премногу висока температура.

Иако сите препораки не важат за сите пациенти, сепак најчесто препорачуваната храна во случај на ревматиден артритис е следнава

  • Сливи, грејпфрут, боровинки, банани, грозје, калинка, манго праски и јаболка.
  • Интегрални житарки
  • Зеленчуци
  • Некои легуминозни растенија
  • Ѓумбир, куркума
  • Маслиново и рибино масло
  • Чај од босилок и зелен чај
  • Јогурт

Но, овие препораки не треба слепо да се пратат затоа што на пример ако лицето е алергично или интолерантно на некој од овие видови на храна, јадењето на таква храна би направила спротивен ефект и би допринела за влошување на симптомите и зголемување на воспалението.