Како да дознаеш дали имаш висок холестерол?

Холестеролот е маснотија која по својата структура потсеќа на восок и природно се наоѓа во човечкото тело.  Холестеролот му е потребен на телото за да изгради здрави клетки, но кога го има во преголема количина може да го зголеми ризикот од срцево заболување.

Проблемот со високото ниво на холестерол е што тој може да создаде масни наслаги во крвните садови, и да го отежне нормалниот проток на крвта, а уште поопасно е кога  делчиња се откинуваат од овие наслаги и формираат тромбови кои може да предизвикаат срцев или мозочен удар.

Склоноста кон висок холестерол може да се наследи, но многу почесто е резултат на нездрав начин на живот, а на тоа секој од нас може да влијае.

Здравата исхрана, редовното вежбање, или додатоци во исхраната, а ако е неопходно и лекови, можат да го намалат холестеролот и да го доведат во нормала.

Високиот холестерол иако е почест кај повозрасните лица, сепак може да се јави и кај помладите и затоа е важно доколку се појавил навремено да се дијагностицира.

Ако сакаш да дознаеш дали и ти имаш висок холестерол, треба да знаеш дека единствен начин е преку тестирање на нивото на маснотии во твојата крв.  Друг начин нема затоа што оваа состојба нема очигледни симптоми.

Се јавува често кај лицата со прекумерна телесна тежина, но можно е висок холестерол да има и нкој со нормална килажа.

Затоа ако си маж на возраст од 45 до 65 години или жена од 55 до 65 години, барем еднаш годишно или еднаш во две години, кога ќе појдеш кај твојот матичен лекар добро би било да го потсетиш да напише упат за лабораторија за испитување на липидниот статус.  А доколку имаш над 65 години тогаш овој тест би требало да се прави секоја година барем еднаш.

За да бидат точни резултатите кои ќе ги покаже тестот во лабораторија треба да дојдеш гладен и жеден, а последниот оброк како и пиење на вода или било каква друга течност да не биде по 18.00 часот претходната вечер.

Доколку резултатот е надвор од референтните граници, твојот доктор може да нарача почесто мерење на холестеролот.  Почесто тестирање може да биде предложено и во случај на фамилијарна историја на висок холестерол, срцева болест или други фактори како дијабетес или висок крвен притисок.