Како да ги препознаеш знаците на клиничката депресија

Основните два симптоми на депресијата се константното нерасположение и губење на интерес за било какви активности.

Дополнително може да се појават и:

  • Промени во апетитот
  • Проблеми со спиењето
  • Умор
  • Чувство на вина
  • Потешкотии со концентрацијата
  • Мислење на смрт

Иако дијагнозата треба да ја постави квалификуван лекар, сепак постојат и некои предупредувачки знаци или симптоми кои можат да помогнат во препознавањето дали вие или некој друг пати од депресија.

Но, истовремено треба да се има на ум, дека понекогаш симптомите кои може да укажуваат на депресија не мора да се резултат на депресијата, туку може да се резултат и на злоупотреба на дроги,  употреба на некои лекови, да се резултат на некои други здравствени проблеми итн.

Кога станува збор за клиничката депресија, постојат повеќе од 1,000 различни комбинации на симптоми, ова се само неколку од нив:

  • Депресивно расположение – ваквото расположение кај возрасните се манифестира како нерасположение и тага, а кај децата и адолесцентите повеќе наликува на лутина и иритабилност.  Лицето поголем дел од времето изгледа нерасположено, тажно и со чувство на празнина, и може често да плаче.
  • Намален интерес – вториот најчест симптом е имањето на намален интерес за повеќето секојдневни активности, вклучувајќи ги и оние активности кои порано носеле задоволство.  Ваквата појава се нарекува ахедонија и може да биде физичка и социјална.  Оние кои имаат физичка ахедонија, не чувствуваат сензорно задоволство. Оние кои имаат социјална ахедонија не чувствуваат задоволство при социјални ситуации, вклучувајќи ги и оние кои порано им носеле задоволство. 
  • Промени во апетитот – уште еден чест знак на депресијата е колку се јаде. Некои почнуваат да се прејадуваат, а некои го губат апетитот.
  • Проблеми со сонот – се јавуваат речиси кај 90% од лицата кои патат од депресија. Може да станува збор за појава на несоница, или да дојде до прекумерно спиење или хиперсомниа.  За проблемите со сонот е интересно што тие можат да бидат и причина за депресија, а и нејзина последица.  Затоа воспостувањето на здрава спиечка рутина е многу важно за да се спречи прогресијата или појавата на ова заболување.
  • Умор и изнемоштеност – чувството на хроничен умор и изнемоштеност кое се појавува при клиничката депресија е толку изразено, што често го оневозможува извршувањето на секојдневните обврски, или во потешки случаи лицата кои страдаат од ова нарушување претешко им е и да станат од кревет.