Како да препознаеш дали твојата главоболка е мигрена

Мигрена е вид на главоболка која создава од средна до многу силна пулсирачка болка, во најголем број на случаи на едната страна од главата.

Честопати е пратена со лошење, повраќање и зголемена чувствителност кон светлина и звуци.  Се појавува во форма на напади кои можат да траат од неколку часа до неколку дена, а понекогаш болката е толку силна што го оневозможува извршувањето на секојдневните активности.

Кај некои луѓе пред да се појави самата главоболка претходи предупредувачки знак, наречен аура.  Се манифестира преку појава на пречки во видот, во форма на светлосни зраци или слепи точки, може да се појави и во форма на немирна сензација на едната страна од лицето, во раката или во ногата, а може да се појават и потешкотии во говорот.

За третман на мигрена се советува да се направат некои промени во животниот стил, но често се препорачува и употреба на лекови.

Ваквиот тип на главоболка може да се појави кај сите возрасни групи, и иако се детектирани четири фази кај мигрената ( продром, аура, мигренозен напад, пост-дром) не сите се појавуваат кај сите луѓе.

Продром – е фаза која се јавува еден до два дена пред мигренозниот напад и се манифестира преку појава на:

  • Констипација
  • Промени во расположението (од депресија до еуфорија)
  • Зголемена потреба за одреден вид на храна
  • Вкочанетост на вратот
  • Зголемено уринирање
  • Задршка на течност
  • Почесто прозевање

Аура – е фаза која кај некои луѓе се појавува пред, а кај некои за време на мигренозниот напад.  Може да има повеќе симптоми, за кои всушност се смета дека се реверзибилни нарушувања на нервниот систем.  Секој симптом почнува постепено и може да трае од неколку минути до еден час.

Некои од почестите симптоми се следниве:

  • Нарушувања во видното поле и гледање на различни форми, светлосни зраци, слепи точки
  • Загуба на видот
  • Чувство на боцкање во рака или нога
  • Слабост или отрпнатост во лицето или на една страна од телото
  • Потешкотии во зборувањето

Мигренозен напад – оваа фаза може да трае од 4 до 72 часа доколку не се превземат никакви мерки.  Може да се појавува ретко, но може да се појавува и неколку пати во месецот.

Симптомите вклучуваат:

  • Болка која иако најчесто е само на едната страна од главата, може да се појави и на двете страни
  • Пулсирачка болка
  • Преголема чувствителност кон светлина, звук, а понекогаш и кон мириси и допир
  • Повраќање и мачнина

Пост – дром – ова е фаза која се јавува по завршување на мигренозниот напад.  Лицето може да се чувствува исцрпено и конфузно, а кај некои луѓе се јавува и еуфорично чувство на радост. Во оваа фаза наглото поместување на главата може повторно да предизвика болка.

Мигрените иако не се ретка појава, честопати остануваат не дијагностицирани и не третирани.  Затоа сите оние кои патат од главоболки важно е да се информираат за симптомите и доколку ги препознаат кај себе да побараат соодветна лекарска помош.