Како самиот да си помогнеш ако си гојазен

Гојазноста не е состојба која лесно и преку ноќ може да се реши и да остане решена.  Затоа освен советите и препораките од професионалците во ова поле, вклучувајќи ги и лекарите, треба да се надополнат и со твој личен ангажман, бидејќи успехот најмногу ќе зависи од тебе самиот.

Еве како можеш да си помогнеш:

Да научиш повеќе за својата состојба – едукацијата во врска со гојазноста, како и читање на книги за како да си помогнеш сам, е многу битен фактор во надминувањето на дебелината, затоа што ќе те направи да се чувствуваш по самоуверено, и да ја превземеш контролата во свои раце.

Да поставиш реални цели – многу често кога некој треба да ослабне прво што прави е да си постави нереална цел.  Но, токму поставувањето на реално остварливи цели го прави нивното остварување повозможно.

Со други зборови, подобро е во подолг временски период постепено да се намалува телесната тежина, отколку наеднаш да се ослабне многу и за кус период килограмите повторно да се вратат.

Затоа сите промени кои се прават се советува да се прават постепено, чекор по чекор, и целта да биде трајно да се применат во начинот на живот, за и резултатот кој ќе се постигне да биде траен.

Да останеш доследен на планот – да останеш доследен и да не се откажеш од терапевтскиот план за надминување на гојазноста, е клучен фактор за надминување на гојазноста.  Доколку првичниот план ти е претежок, не треба да се откажеш туку да побараш алтернативен план до кој полесно би се придржувал.

Обезбеди група за поддршка – запознај некого со твоите планови за намалување на тежината семејство или пријатели, но тоа нека биде човек кој ќе сака да ти даде поддршка за да успееш, а не да ги саботира твоите напори за успех.  Од голема помош може да биде и да се придружиш на некоја група за поддршка на лица со слични проблеми, доколку таква група постои во местото кадe живееш.

Води дневник – многу е корисно да почнеш да водиш дневник за исхраната и редовната физичка активност.  Така ќе имаш подобар увид дали доследно се придржуваш до планот за слабеење.  Но корисно е да имаш и каде да ги запишеш твоите емоции, доколку почнеш да се чувствуваш луто, обесхрабрено, среќно итн.

Намали го стресот и спиј – лошото меаџирање на секојдневниот стрес секогаш го саботира напорот за да се ослаби.  Истото го прави и недостатокот на квалитетен сон.  Затоа изнајди начин кој тебе ќе ти помогне да станеш опуштен и одморен.

Внимателно бирај суплементи и чаеви – во изборот на додатоци во исхраната и чаеви, треба да бидеш внимателен, затоа што има многу вакви производи кои се со сомнително потекло и состав и кои ветуваат магично брзи ефекти, а чие долгорочно употребување не се знае дали е безбедно.  Од друга страна постојат и квалитетни производи од оваа група кои даваат добри резултати и го забрзуваат процесот на слабеење.  Затоа бирај информирано и мудро.