Има повеќе тригери за појава на мигрена, но овие се главните:
- Стрес
Стресот се смета за еден од главните тригери за појава на мигренозен напад, затоа што дури кај 70% од луѓето со мигрена е пронајдена врска меѓу нивото на стрес во тек на денот и појавата на мигренозен напад.
Затоа се советува, сите оние кои патат од мигрена да започнат да прават листа на сите оние работи кои допринесуваат за во нивниот живот да има стрес и тензија и потоа свесно да пристапат кон намалување на овие стрес тригери.
Методите како различните релаксирачки техники, медитација, вежбање, биофидбек, одржување на квалитетен сон можат да бидат многу полезни во намалувањето на стресот затоа што иако не можат да го елиминираат целиот стрес од животот, тие имаат способност да го сменат физиолошкиот одговор на нашето тело кон стресните ситуации.
- Промени во спиечкиот циклус или нередовно спиење
Врската меѓу квалитетниот сон и појавата на мигрена е неспорна. Спиењето го обновува телото и мозокот. Затоа на сите оние кои патат од мигрена им се советува секоја вечер да си легнуваат во исто време и да се трудат да имаат непречен сон во времетраење од 7 до 8 часа.
- Хормонални промени
Мигренозните напади не само што се почести кај жените, туку најчесто се јавуваат околу менструалниот период. Тоа се поврзува со промената во нивото на естроген и прогестерон.
На жените кои се соочуваат со ваков тип на тн менструална мигрена освен промени во животниот стил и исхрана, им се советуваат и други начини за стабилизирање на хормонското ниво и за спречување на идни мигренозни напади.
- Кофеин и алкохол
Кај повеќето луѓе мигренозните симптоми се засилуваат по конзумација на кофеин или алкохол, а особено по пиење на црвено вино.
Но, има и случаи каде една шољичка кафе успешно ги сопрела симптомите на мигрената.
Сепак во превентивни цели се препорачува да се избегнуваат овие пијалоци особено ако лицето веќе знае дека истите може да му предизвикаат главоболка.
- Временски промени
Временските промени, особено оние пртени со промени во воздушниот притисок може да предизвикаат мигренозен напад. Истотака дехидратацијата која може да се случи при многу жешко време и висока влажност на воздухот истотака може да доведе до појава на мигрена.
Но, затоа што никој од нас не може да го контролира времето, препораките во ваков случај се да се остане внатре, или да се подредат обврските за да се избегнат најлошите делови од денот.
- Избор на храна
Најразлични видови на храна можат да предизвикаат мигрена, но најчесто тоа е процесираната односно фабрички направената храна која содржи појачувачи на вкусот како МСГ, чоколадите, сирењето и другите млечни производи итн.
Препораките се откако ќе се идентификува тригерот истиот да се избегнува колку што е можно повеќе.