Кои се предупредувачките знаци на остеопорозата?

Остеопорозата е долготрајна (хронична болест) која прави коските да бидат помалку густи и покршливи.  Луѓето кои имаат остеопороза, можат да скршат коска и при некоја минорна повреда или удар.

Но, кои се знаците кои можат да предупредат на постоењето на оваа болест и пред таа да се дијагностицира?

За жал многу видливи симптоми нема и најчестиот знак кој укажува на постоењето на остеопороза е всушност кршењето на коските при некоја несериозна повреда, како на пример при обичен пад.

Други симптоми кои укажуваат на остеопороза се:

  • Постепено намалување на телесната висина
  • Болка во грбот
  • Болка која наликува на болка во мускулите или зглобовите, а всушност се должи на малите пукнатини во коските кои се последица на оваа болест.

Како се дијагностицира остеопорозата?

Дијагнозата на остеопорозата се поставува врз база на постоечката медицинска историја во комбинација со физички преглед од страна на докторот и спроведување на тест за одредување на минералната густина на коските.

Кои се опциите за лекување на остеопорозата?

Според класичната медицина, за остеопорозата не постои лек и затоа третманот е насочен кон менаџирање на симптомите на оваа болест преку давање на лекови и со промена на животниот стил.

Во зависност од возраста, полот и медицинската историја, би требало да се одреди најсоодветниот третман за секој пациент.

Но, без оглед на тоа кој пристап ќе се избере, целта е иста, а тоа е да се постигне зацврстување на коските за тие да станат помалку подложни на кршење.

Најчестата промена која се советува и која може да се подразбере како промена на живтниот стил е редовно да се започне со вежбање односно со некоја физичка активност.

Но, во овој случај многу е важно изборот на вежбите и планот за вежбање да бидат безбедни за лицето кое страда од остеопороза, и затоа е потребно истото да се направи во соработка со стручно лице како на пример со искусен физиотерапевт.

За пациентите кои страдаат од остеопороза, како најдобра опција се смета вежбањето кое вклучува дигање на тегови, или кога се прават вежби за зацврстување на мускулите со употреба на сопствената тежина на телото.

Брзото одење, џогирањето, тенисот и одбојката, како и вежби за подобрување на рамнотежата се истотака добар избор,особено последниве бидејќи можат да го намалат ризикот од паѓање поради губење на рамнотежата во иднина.

Едни од најдобрите вежби за подобрување на балансот се следниве:

  • Таи Чи
  • Стоење со споени нозе
  • Стоењето на една нога
  • Одењето наназад

Одржувањето на нормална телесна тежина како и намалувањето на прекумерната телесна тежина истотака се битен чекор во менаџирањето на остеопорозата.

Во врска со конзумирањето на алкохол, постојат препораки кои велат дека доколку се намали внесот на алкохол на само 2 стандардни пијалока на ден, тоа би можело да ја поправи силината на коските.

Но и покрај сите лекови, суплементи или промени во животниот стил, сепак се смета дека од исклучителна важност за овие пациенти е да се превенира падот, односно да се намалат можностите за тој да се случи.

Со таа цел се советува да се уредат како домот така и работното место на начин кој би превенирал да дојде до сопнување и паѓање.  Изборот на стабилни обувки и носењето на очила доколку тоа е потребно за појасен вид истотака не смее да се занемари со цел движењето во просторот да биде колку што е можно побезбедно.

Како за сите болести така и за остеопорозата важи дека подобро е да се спречи отколку да се лечи, но доколку се случи потребно е навремено да се препознае и да се превземат мерки за нејзино менаџирање.