Колку е важен витаминот А

Витаминот А е липосолубилен витамин кој е неопходен за одвивање на многу функции во човечкото тело, за одржување на здрав вид, силен имун систем, функционален репродуктивен систем и здрава кожа.

Во храната витаминот А во форма на ретинол се наоѓа во месото, рибата, јајцата и млечните производи.  А растителната храна особено онаа со црвена, жолта и портокалова боја содржи каротеноиди кои по внесот во телото се метаболизираат и претвараат во витамин А.

Дефицитот на витамин А е редок во развиените земји, но во неразвиените земји овој проблем е почесто присатен и главни ризик групи се бремените жени, доилките, децата и доенчињата.  Болестите како цистична фиброза и хроничната дијареа истотака може да го зголемат ризикот за појава на недостаток на витаминот А.

Витаминот А е многу важен за нормално функционирање и обновување на кожата, како и за сузбивање на инфаматорните процеси.  Токму затоа неговиот недостаток се манифестира преку појава на сува кожа која е поподложна кон различни воспалитени процеси.  Егземата е состојба при која кожата е воспалена и сува, и се смета дека нејзината појава има врска со недостатокот на витаминот А.

Но, важно е да се напомене дека не секоја сувост на кожата претставува недостаток на овој важен витамин, бидејќи таа може да биде резултат и на нешто друго.

Друг симптом кој може да укажува на дефицит на витаминот А е појавата на суви очи, поради несоздавањето на солзи, тоа всушност е и првиот симптом кој може да укажува на овој проблем.

Сериозниот дефицит на витамин А може да предизвика и оштетување на корнеата и слепило.

Ноќното слепило истотака укажува на недостаток на витаминот А, и во некои земји во развој каде е честа оваа појава се врши збогатување на храната со витамин А што за среќа успешно ја поправа состојбата.

Затоа што овој витамин е многу важен за репродуктивното здравје како на мажите така и на жените, неговиот недостаток може да доведе и до неплодност или да ја зголеми можноста на спонтан абортус или до развој на ембриони со вродени дефекти.

Децата на кои им недостасува овој витамин може да имаат застој во развојот.

Затоа што витаминот А е важен за создавање на колагенот неговиот недостаток може да предизвика и побавно заздравување на раните.

Поради своите антиинфламаторни својства и затоа што е важен за нормалната структура на кожата витаминот честопати се користи и во терапија на акни и други воспалителни процеси на кожата.