Еден од најмалите живи организми на светот е бактеријата уреоплазма. Таа е дел од нормалниот човечки микробиом и е потребна за нормална функција на репродуктивниот систем, за добро варење на храната и за некои други функции, но понекогаш успева да се пренамножи и да создаде колонии кои наместо да продолжат да му помагаат на телото, создаваат воспаление и инфекција.
Главен начин за зараза со уреоплазма е сексуалниот контакт, пришто во телото може да навлезе преку вагината или уретрата. Истотака мајките кои имаат проблем со уреоплазма инфекцијата можат да му ја пренесат и на новороденчето при процесот на раѓање.
Кај луѓето со силен имун систем оваа инфекција може да мине и сама во период од неколку месеци, но за оние со намален имунитет може да претставува вистински проблем.
Иако уреоплазмата многу често не предизвикува никакви симптоми, доколку предизвика уретритис или бактериска вагиноза може да ги предизвика следниве симптоми:
- Болка за време на мокрење
- Печење или жарење
- Исцедок од уретра или вагина
- Непријатен вагинален мирис
Уреоплазмата понекогаш може да придонесе а појава на сериозни компликации, како што се:
- Формирање на бубрежни камења
- Предвремено породување
- Респираторни болести кај новороденчињата
Нејзиното откривање се врши со помош на лабораториско тестирање на брис од вагина или уретра. Доколку се дијагностицира проблем се препишуваат антибиотици.
Најчесто употребувани антибиотици за третман на инфекција на урогениталните патишта се азитромицин и доксициклин, а доколку со нив не се постигне саканиот ефект, се препишуваат лекови од групата на флуорокинолони.
Единствен сигурен начин за превенција на уреоплазма е апстиненцијата од интимни односи, бариерните методи како кондомите го намалуваат ризикот од зараза но не нудат сто процентна заштита. Контрацептивните средства не штитат од уреоплазма исто како што не штитат ниту од една сексуално пренослива болест.
