Најчести последици од намалување на тестостеронот

Тестостеронот е хормон кој природно се создава во човечкото тело.  Тој е машки полов хормон кој кај мажите се создава воглавно во тестисите и е одговорен за нивниот изглед и за сексуалниот развој, а влијае и врз развојот на коскеното ткиво и мускулите.

Нивото на тестостерон во телото се намалува со стареењето и кога ќе падне под нормалното ниво тоа кај мажите предизвикува редица на непријатни симптоми.

Најчести симптоми се следниве:

1. Намално либидо

Тестостеронот има главна улога во регулирање на либидото кај мажите. Токму затоа кај некои мажи желбата за секс се намалува како што стареат, дотолку повеќе доколку дојде до поголемо намалување на тестостеронот.

2. Потешкотии со постигање на ерекција

Тестостеронот врз постигањето на ерекцијата влијае така што ги стимулира рецепторите во мозокот за да создаваат азотен оксид.

Азотниот оксид претставува соединение кое поттикнува низа на хемиски реакции во телото кои се неопходни за да се постигне ерекција.

Кога нивото на тестостеронот е ниско, мажите имаат проблеми со постигање на ерекција пред интимниот однос, но и со постигање на спонтаните ерекции во сонот.  Но, од друга страна постојат и низа други причини кои негативно може да се одразат врз ерекцијата како што се на пример некои заболувања ( шеќерна болест, тироидни проблеми, висок крвен притисок, висок холестерол итн), а негативно дејство може да има и стресот, депресијата, анксиозноста, пушењето и конзумирањето на алкохол.

3. Ќелавост

Затоа што тестостеронот е важен и за растот на влаканата, неговото намалување во телото на мажите води до појава на ќелавост, и до загуба на влакната и од другите делови на телото.

4. Намалена физичка енергија

Кај мажите со низок холестерол се појавува и екстремна изнемоштеност и намалена физичка енергија, и тие честопати се чувствуваат изморено дури и после доволно време минато во сон.

5. Намалување на мускулната маса

Затоа што тестостеронот е многу важен за изградба на мускулите, со намалување на тестостеронот мажите забележуваат и намалување на мускулната маса.  Но, добрата вест е што и покрај намалувањето на мускулната маса, силата и функцијата на мускулите не е засегната.  Истовремено можно е да се појави и зголемување на мрсното ткиво.

6. Зголемен ризик за остеопороза

Иако остеопорозата почесто се јавува кај жените во менопауза, порозни коски и поголема подложност кон кршеници може да се појави и кај мажите со низок тестостерон.

7. Промени во расположението и меморијата

Нискиот тестостерон може да предизвика и променливо расположение кај мажите, па дури да доведе и до развој на депресија или зголемена иритабилност, а докажано е дека неповолно влијае и врз меморијата и фокусот.

Намалениот тестостерон може да влијае и врз големината на тестисите, може да биде причина и за појава на анемија итн, но бидејќи неговото намалување со стареењето не е нагло туку постепено, посериозни проблеми поради неговото намалено ниво во телото почесто се појавуваат кај постарите лица.