Најчести симптоми кои укажуваат на депресија

Депресијата е многу сериозна состојба која може да се појави кај сите возрасни групи, вклучувајќи ги и децата и постарите лица, таа значително го нарушува квалитетот на живот, а понекогаш може да биде и директна закана по животот.

Постојат повеќе причини за појава на депресија, од кои некои не се ниту целосно разбрани.

Во медицината депресијата се дефинира како состојба која предизвикува постојано чувство на депримирано расположение или тага, и најчесто се појавува зедно со губење на интерес кон она што нормално би носело задоволство.

Со цел да може да се превземат соодветни мерки за нејзино лекување, потребно е да се препознаат симптомите на депресијата и да се побара помош.

Лицата кои страдаат од депресија имаат постојано чувство на тага и немаат интерес за работите кои во минатото ги интересирале или им носеле чувство на задоволство.

Депресијата влијае врз чувствувата, врз размислувањето и однесувањето, честопати предизвикува различни емотивни и физички проблеми.

Доколку земе замав депресијата може да почне да го оневозможува секојдневното извршување на обврските или да придонесе за појава на самоубиствени идеи и чувство на безнадежност.

Симптомите на дeпресијата се следниве:

  • Чувство на тага или безнадежност
  • Плачливост
  • Испади на лутина, иритабилност
  • Губење на интерес и чувството на задоволство за билокаква активност
  • Анксиозност, вознемиреност
  • Проблеми со меморијата
  • Проблеми со размислувањето и концентрацијата
  • Несоница или претерано спиење
  • Измореност и недостаток на енергија
  • Намален апетит и слабеење, или зголемен апетит и покачување на телесната тежина
  • Побавно размислување или движење на телото
  • Чести мисли за смртта, и самоубиствени мисли
  • Необјасниви физички симптоми најчесто во форма на болка

Кај повеќето луѓе кои имаат депресија, ваквите и слични симптоми се толку силни што често им пречат или потполно ги онеспособуваат во извршувањето на секојдневните обврски и активности.

Од друга страна кај некои луѓе симптомите се во поблага форма такашто тие не се ни сомневаат дека токму тие патат од депресија.  Кај оваа група на луѓе најчесто преовладува чувството на тага, апатија и безволност.