Најважни совети во борбата со ревматидниот артритис

Квалитетот на живот на оние кои страдаат од ревматиден артритис зависи од успехот во менаџирањето на симптомите.

Најважните совети кои експертите во ова поле им ги даваат на пациентите се:

Откриј ги тригерите – ревматидниот артритис е болест при која има наизменични периоди кога симптомите се многу бурни, и кога помалку се приметуваат.

Затоа со цел да се избегнат бурните периоди корисно е да се води дневник кој ќе помогне да се откријат тригерите на ревматидната бура.  Тоа може да биде зголемувањето на стресот, може да биде некоја храна, или билокаква друга причина која ќе се поклопи со периодот на влошување на симптомите.

Кога ќе се идентификува тригерот, или тригерите потребно е да се превземат соодветни мерки за да тој се отстрани или намали, со цел колку што може да се избегне влошувањето на симптомите.

Најди искусен доктор – затоа што станува збор за хронична болест, со непредвидлив тек во поглед на засилување на симптомите, или појава на нови симптоми, потребно е да најдеш искусен доктор во кој ќе имаш доверба и кој ќе биде запознаен со твојот случај, што ќе му овозможи секогаш да го избере најдобриот терапевтски пристап.

Смени го лекот – ако лекот кој го користиш не ти помага, знај дека имаш право да побараш од лекарот да го смени, или како дополнување на конвенционалниот медицински пристап, да примените и некој од алтернативните методи кои меѓудругото вклучуваат и употреба на додатоци во исхраната.

Не преќутувај ништо – кога станува збор за хронична прогресивна болест, секогаш кога ќе приметиш дека нешто не е во ред, треба да кажеш и да побараш помош, наместо да го игнорираш проблемот.

Помогни си сам – затоа што оваа болест не се манифестира исто кај сите кои страдаат од неа, не сите пристапи во нејзино менаџирање се соодветни за секого.  Токму затоа потребно е да се информираш за својата состојба и од сопствено искуство да си направиш твој режим кој би го зголемил квалитетот на твојот живот.

Вежбањето да е приоритет – безоглед што и да се случува, ако имаш ревматиден артритис, редовната физичка активност треба да ти биде приоритет, за да ја одржуваш циркулацијата и подвижноста на зглобовите и мускулите.

Вклучи физиотерапија – ако имаш проблеми со повижноста, добар физиотерапевт би можел да ти помогне.

Не се самообвинувај – животот со ревматиден артритис не е лесен, но наместо да се лутиш на самиот себе зошто оваа болест ти се случила токму  тебе, смени го пристапот, увиди и почни да ги цениш сопствените напори, во смисол дека правиш колку што можеш за да си помогнеш.

Јади мудро – здравата и балансирана исхрана може да ти помогне за да имаш повеќе енергија, помалку воспаление и да живееш поквлитетно.  Храната богата со зелени лиснати растенија, овошје, нискомасни извори на протеин и интегрални житарки се покажална полезна кај ревматидниот артритис.