Недостатокот на калиум може да биде сериозен проблем

Хипокалиемија е состојба на низок калиум во телото.   Калиумот е минерал кој помага за регулирање на течноста во телото и помага за нормална работа на мускулите и нервите, тој е минерал кој е неопходен за одржување на добро здравје.

Во случај на недостаток на калиум во телото, почнуваат да се појавуваат симптоми, некои од нив се следниве:

  • Слабост
  • Изнемоштеност и умор
  • Грчеви во мускулите
  • Констипација
  • Аритмии
  • Конфузија

Неправилното отчукување на срцето, односно аритмија е најсериозната компликација која може да настане поради ниското ниво на калиум.

Најчеста причина за низок калиум е неговата поголема загуба преку урината, и тоа најчесто поради употреба на диуретици.   Повраќањето и дијареата истотака можат да предизвикаат дефицит на калиум, а понекогаш нивото на калиум во телото може да се намали и поради негов недоволен внес со храната.

Најчести причини за појава на хипокалиемија се следниве:

  • Прекумерна употреба на алкохол
  • Хронична болест на бубрезите
  • Дехидратација
  • Дијабетичка кетоацидоза
  • Дијареа
  • Диуретици
  • Лаксативи
  • Прекумерно потење
  • Дефицит на фолна киселина
  • Примарен алдостеронизам
  • Некои антибиотици
  • Повраќање
  • Недоволен внес со исхраната

Недостатокот на калиум се открива преку лабораториско тестирање на крвта, овие тестови често рутински се нарачуваат кај пациентите со висок крвен притисок и проблеми со бубрезите.

Третманот на хипокалиемија е насочен кон причината која е предизвикувач на состојбата, но може да вклучи и употреба на суплементи со калиум.

Суплементирањето со калиум се препорачува само по консултација со лекар и никако на своја рака, затоа што и преголемата количина на калиум во телото може да предизвика проблеми.

Со цел да се спречи појавата на хипокалиемија, се препорачува внес на храна богата со калиум, тука пред се спаѓаат зелените лиснати зеленчуци, авокадото, семките, јатките и бананите.