Неколку начини за како сам да си ја подобриш меморијата

 

Проблемите со меморијата може да се појават како резултат на недоволен сон, премногу стрес, АДХД, да бидат резултат на некоја болест како што е на пример Алцхајмеровата болест или да се природен дел од процесот на стареење.

Но, безоглед на конкретната причина за проблемите со меморијата, постојат неколку начини со кои би можел да си помогнеш.

1.Учење на нешто ново

Според експертите во ова поле, за да се подобри меморијата, и фокусот, потребно е да се развијат нови неуронски патишта во мозокот.  Најдобар начин за да се стори ова е да се занимаваме со некаква ментална активност која бара ментален фокус.

Токму затоа секогаш е пожелно да учиме нешто ново, како на пример нов јазик, или нов инструмент, нова вежбачка рутина и слично, но што и да избереме важно е да е нешто што би ни го задржало интересот и во што би уживале.

2.Доволен сон

Иако има премногу истражувања кои укажуваат на огромен број на здравствени придобивки од доволниот сон, сеуште многумина не ги применуваат препораките.

Докажано е дека за оптимална мозочна функција, максимален фокус, меморија, креативност и критичко размислување, потребно е да минуваме од 7,5 до 9 часа во спиење.

Ефектите кои позитивно влијаат врз меморијата, се активираат за време на длабокиот сон.

3.Физичка активност

Многу студии, имаат докажано дека постои директна поврзаност, меѓу физичката активност и менталната функција.  Вежбањето го зголемува дотокот на кислород во мозокот и го зголемува бројот на неуронските врски.

Придобивките за подобра меморија и подобра мозочна функција се дотолку поголеми доколку е покомплицирана физичката активност.

4.Здраво менаџирање на стресот

Последните истражувања имаат покажано дека “маглата во мозокот” и губењето на фокусот можат да бидат последица од премногу стрес.

Хроничниот стрес има директно негативно дејство врз хипокампусот, односно оној дел од мозокот кој е поврзан со меморијата.

Затоа редовно практикување на техниките за здраво менаџирање на стресот можат да помогнат и за подобрување и очувување на добра меморија.

Дури и дваест минутно смеење при гледање на некое смешно видео, според некои од спроведените студии може да ја подобри меморијата.

5.Внесување на потребните нутритиенти

Храната која е добра за нашето севкупно здравје, како што се органското овошје и зеленчук, здравите маснотии, домашното месо и диво упецаната риба, е добра и за здравјето на нашиот мозок и одржување на неговата оптимална функција.

Особено поволно дејство има храната која е богата со Б витамини, а за меморијата најважни се витаминот Б6, Б12, и фолатот, кои се неопходни за создавање на некои неуротрансмитери, за брзината на преносот на нервните импулси, за регулирање на инфламаторниот одговор во телото и за намалување на стресот.  Овие витамини се неопходни и за одржување на нормално ниво на хомоцистеинот, чие повисоко ниво истотака негативно се одразува врз конгнитивната функција.