Оној кој пати од депресија мора да сака и самиот да си помогне

  1. Грижата сам за себе – еден од битните чекори во менаџирањето на било каков вид на депресија е пациентот да почне редовно да се грижи за себе.

Негрижата за себе и на самите нас ни праќа негативна порака, дека не сме битни и дека не заслужуваме подобро.

Од друга страна редовното грижење за себе кое вклучува и наједноставни активности како што се туширање, миење на забите, чешлање на косата, пеглање на алиштата пред да ги облечеме итн, позитивно влијаат врз нашите чувства.

  1. Доволен сон – понекогаш мала промена во рутината за спиење може да направи многу за пациентот кои пати од депресија да почне да се чувствува подобро. Ревитализирачкиот, квалитетен сон е од огромна важност за успешно надминување на оваа состојба.

Дел од пациентите кои имаат депресија патат од несоница, тешко им е да заспијат или да останат заспани, и најчесто кога ќе се разбудат наутро воопшто не се чувствуваат одморено, додека другиот дел од пациентите премногу спијат или имаат хиперсомнија.  И во двата случаи треба се најде некоја златна средина, и да се воспостави здрава спиечка рутина. 

  1. Поздрава храна – често луѓето ја користат храната како бегство од непријатните чувства и сеќавања. Но, на тој начин само се продлабочува негативната слика за сопствената вредност и дополнително може непотребно да се зголеми телесната тежина.

Благата храна и грицките се најчестото нешто по кое посегаме со цел да почнеме да се чувствуваме подобро, но токму ваквата храна предизвикува пад и на енергијата и на расположението.  Од друга старана воведувањето на здрави навики во исхраната и мудро бирање на храна која е погата со нутритиенти, може позитивно да се одрази во борбата со депресијата.

  1. Алкохолот и дрогата не помагаат – на листата од нештата кои можат да ги влошат симптомите на депресијата, спаѓаат и алкохолот и дрогата. За алкохолот честопати погрешно се мисли дека тој го поткрева расположението, но докажано е дека тој е депресант.

Слично нешто се случува и при употреба на нелегалните дроги и психотропни супстанции, кои не го решаваат проблемот туку само привремено нудат бегство од реалноста, и од себеси. 

  1. Редовна физичка активност – за вежбањето научно е докажано дека води до лачење на ендорфини и го поткрева и расположението и енергијата, а позитивно влијае и врз самодовербата и врз перцепцијата на самиот себе. Луѓето со депресија кои во својот живот ја вклучиле редовната физичка активност, постигнале побрз напредок во менаџирањето на оваа здравствена состојба.