Пинеална жлезда – недопроучена мистерија

Епифиза или пинеална жлезда, е мала жлезда која наликува на зрно грашок и е сместена во мозокот.  Нејзината функција не е целосно разбрана, а најпроучена е нејзината улога во создавањето на мелатонин.

Мелатонинот е неопходен за регулирање на патерната на спиење, односно на циркадијалниот ритам.

Луѓето кои имаат проблеми со спиењето, најчесто имаат проблем со тоа што нивната пинеална жлезда не излачува доволно мелатонин.

Употребата на додатоци во исхраната со мелатонин можат да помогнат за постигање на правилен циркадијален ритам, што може да им е од помош на оние кои работат и ноќни смени, како и при патување во кое се случуваат промени во временската зона.

Ваквите суплементи можат да помогнат и за побрзо заспивање, но несакан ефект може да биде тоа што предизвикуваат чувство на умор.

Освен зголемен умор, мелатонинот може да предизвика и зашеметеност, поспаност, интензивни соништа, мало покачување на крвниот притисок, пад на телесната температура, анксиозност и конфузија.

Иако за повеќето луѓе употребата на ниски дози на мелатонин е безбедна и за долгорочно и за краткорочно користење, пожелно е за секој поединец да се одреди потребната доза во консултација со лекар, затоа што може да има варијации кои се движат од 0,2мг до 20мг.

Бремените жени и доилките никако не смеат да користат мелатонин на своја рака, а што всушност важи и за употребата на билокакви други додатоци во исхраната.

Доколку постои проблем со функцијата на пинеалната тоа во човековото тело може да предизвика хормонален дисбаланс кој не го зафаќа само спиечкиот циклус.

Докажано е дека нивото на мелатонин влијае и врз женските полови органи и дека проблемите со пинеалната жлезда можат негативно да се одразат врз менструалниот циклус и плодноста.

Во случај на тумор на пинеалната жлезда се појавуваат различни пореметувања во телото, од конвулзивни грчеви,преку проблеми со меморијата, главоболка и мачнина, па се до оштетување на видот и другите сетила.

Пинеалната жлезда според многумина е најважната жлезда во човековото тело, иако е недоволно проучена.

Таа е првата жлезда која се создава во фетусот, и кај децата е поголема отколку кај возрасните.  Со стареењето пинеалната жлезда се намалува и кај многумина атрофира бидејќи во неа се создаваат калцификати.

Атрофирањето на пинеалната жлезда е потпомогнато од недостатокот на сончева светлина, витамин Д, од интоксикацијата на телото од најразлични извори, а за главен непријател на оваа жлезда се смета флуорот.