Препарати за надворешна употреба за третман на акни

Кога станува збор за кожен проблем како што се акните, првиот чекор е започнување на соодветна грижа за сопствената кожа во домашни услови.

За тоа постојат различни продукти за нега и хигиена, кои се купуваат без рецепт или препорака од дерматолог.

Доколку ваквиот пристап не доведе до подобрување на состојбата во период од неколку недели, треба да се посети лекар кој ќе препише соодветна терапија.

Третманот на акните треба да:

  • Ја стави под контрола нивната појава
  • Да избегне создавање на лузни
  • Да ја намали видливоста на лузните

Лековите кои докторите ги препишуваат за менаџирање на акните делуваат такашто го намалуваат отокот и создавањето на себум, или ја лекуваат бактериската инфекција.

Важно е да се има на ум дека овие лекови не делуваат преку ноќ, и често е потребно да поминат и до еден или два месеца за да се забележи позитивен резултат.  А зе целосно да се исчистат акните понекогаш е потребно да поминат и повеќе месеци или дури и години.

Изборот на терапија зависи од неколку фактори, како што се возраста, видот и интензитетот на акните, и од согласноста на пациентот да биде упорен и да се држи до избраниот пристап.

При изборот секогаш треба да се води сметка и за ризикот наспроти бенефитот од употребата на лекот или предложениот третман.

Најчести лекарства кои се препорачуваат за надворешна употреба во случај на акни се:

  • Ретиноидни лекови – во оваа група спаѓаат продуктите кои во својот состав содржат ретиночна киселина или тренитоин. Најчесто тие се во форма на кремови, гелови или лосиони.  Наменети се употреба навечер на крајот од денот по насоки дадени од лекарот.   Нивната употреба заедно со бензоил пероксид треба да се избегнува.  Несакан ефект е што ја зголемуваат чувствителноста на кожата кон сонцето, и можат да предизвикаат црвенило и сува кожа.
  • Антибиотици – оваа група на лекови се даваат за да ги елиминираат бактериите, и на тој начин да го намалат црвенилото и воспалението. Често се комбинираат со ретиноидните препарати.

За разлика од ретиноидите, антибиотските препарати можат да се употребуваат истовремено со бензоил пероксид за да се избегне развивање на резистентност од страна на бактериските соеви.  Во комбинираната употреба антибиотикот се нанесува наутро, а ретиноидот навечер. Најупотребувани антибиотици се клиндамицинот или еритромицинот во комбинација со бензоил пероксид.

  • Салицилна и азелаична киселина – Азелаичната киселина е природен производ кој се добива од квасец и кој има антибактериски особини, но и овој прозвод може да предизвика црвенило и иритација на кожата.
  • Дапсон – често употребуван производ особено кај жените, во форма на 5% гел со цел да го смири процесот на воспаление кај акните.

Во случај на посериозен проблем со акните, се препишуваат лекови за орална употреба, како што се антибиотици, анти-андрогени итн.