Психотерапијата во третманот на депресија

Психотерапијата е првото нешто што им се препорачува на пациентите кога ќе им биде дијагностицирана депресија.

Таа претставува збир на повеќе различни терапевтски техники.  За време на психотерапевтската сесија, пациентот разговара со квалификувано лице, психотерапевт, со цел заедно да го откријат тригерот на депресијата и да ја надминат оваа непријатна здравствена сосотојба.

Придобивките кои пациентот може да ги има од психотерапијата се следните:

  • Да ги разбере сопствените емоции, однесувања и идеи кои придонесуваат за состојбата на депресија.
  • Да ги разбере и идентификува проблемите или настаните кои можно е да придонеле за таквата состојба, и што може да се превземе за да се подобри состојбата
  • Да се врати чувството на задоволство и контрола во животот
  • Да се научат техники за полесно справување и решавање на проблемите во секојдневниот живот

Има неколку вида на психотерапија:

  • Индивидуална – во која учествуваат само пациентот и психотерапевтот
  • Групна – кога два или повеќе пациенти можат одеднаш да учествуваат во психотерапевтската сесија.  Што кај некои пациенти се одразува и позитивно, затоа што можат да слушнат и туѓи искуства и да знаат дека не се сами.
  • Терапија за парови – овој вид на терапија треба да му помогне на партнерот за да разбере зошто другиот партнер има депресија, и како преку едноставни промени во комуникацијата и однесувањето би можел да му помогне, и како и обајцата полесно би можеле да се справат со состојбата.
  • Фамилијарна – насочена кон сите членови на семејството затоа што семејството е клучниот елемент и дел од тимот кој може да му помогне на пациентот за полесно да се опорави.

Во зависност од тоа кој пристап ќе го избере психотерапевтот има повеќе видови на терапија:

Психодинамична терапија – овој тип на терапија е базиран на претпоставката дека лицето е депримирано поради нерешени внатрешни и подсвесни конфликти, кои поттекнуваат уште од детството.  Целта е преку разговор за искуствата пациентот да научи подобро да се справува  и д аги разбере сопствените чувства.

Најчесто ваквиот тип на терапија трае околу четири месеци или подолго.

Интерперсонална терапија – се фокусура на однесувањата и интеракцијата кои депримираниот пациент ги има со своите пријатели и фамилија.

Целта е да се подобри комуникацијата и да се подигне самодовербата за краток период на време.

Психодинамичната и интерперсоналан психотерапија можат да помогнат при:

  • Загуба и жалење
  • Конфликти во партнерските односи
  • При промена на животните улоги

Когнитивна бихевиорална терапија – помага за депримираното лице да ја напушти погрешната слика за себе и за светот околу него.

Терапевтот му помага на пациентот да научи и применува нов начин на размислување, со насочување на фокусот кон вистинитите и кон погрешните претпоставки кои пациентот ги прави за себе и за другите.