Ризик фактори за појава на хемороиди и начини на нивно менаџирање

Хемороидите се многу непријатна појава, и се појавуваат кога има премногу голем притисок на вените околу анусот.

Се појавуваат кај голем број на луѓе, а особено кај оние, кај кои постојат повеќе ризик фактори за нивна појава, како што се:

  • Напрегање при дефекација
  • Долготрајно седење
  • Хронична констипација или дијареа
  • Имање на фамилијарна историја на хемороиди
  • Прекумерна телесна тежина
  • Бременост
  • Возраст над 50 години

Врз некои од овие ризик фактори може да се влијае, и нивното отстранување поволно влијае во насока на превенција на хемороиди.  Друго што може да се направи со цел да се заштитиме од појавата на хемороиди или нивно влошување доколку веќе се појавиле, е да го зголемиме количеството на вода кое го внесуваме во тек на денот.

Истотака се препорачува да бидеме физички активни или редовно да спортуваме, да не го одложуваме одењето по голема нужда кога ќе почувствуваме потреба, да избегнуваме подолго седење или стоење и да внимаваме што јадеме, имајќи на ум дека секојдневниот внес на храна богата со растителни влакна може да го намали ризикот од развој на хемороиди.

Но, во случај веќе да имаме хемороиди, за среќа постојат и начини за да си помогнеме.

Така на пример, за да се намали болката од хемороидите се препорачува секојдневно да се седи по десетина минути во топла када, или за надворешни хемороиди да се се ставаат топли облози.

Во случај на неподносливо силна болка се советува употреба на специјални масти и супозитории кои делуваат така што ја намалуваат болката и чешањето.  Понекогаш се советува и употреба на лекови против болка кои можат да се купат во аптеките без рецепт.

Констипацијата може лошо да се одрази врз појавата на хемороиди, затоа доколку е потребно се советува и употреба на додатоци во исхраната кои содржат растителни влакна и на тој начин успеваат да ја омекнат столицата и да ги придвижат цревата.

Мастите и супозориите за хемороиди честопати успеваат да помогнат во ублажување на нелагодноста, но една од најважните работи е одржувањето на добра секојдневна хигиена со употреба на топла вода, и по можност без сапуни кои можат да ги влошат и иритираат хемороидите.

Употребата на груба тоалетна хартија истотака треба да се избегнува.  Доколку има отечени хемороиди ставањето на ладни облози може да помогне во намалувањето на отокот.

Доколку ваквите методи кои пациентот би ги спроведувал во домашни услови не помогнат, лекарот може да препорача поинвазивни медицински методи како што е хируршки зафат, подврзување на хемороидите или склеротерапија.

Во случајот на подврзување на хемороидите, целта е да се прекине дотурот на крв во хемороидот и циркулацијата се прекинува пришто за подврзување се употребува гумено ластиче.

Во случај на склеротерапија лекарот инјектира хемикалија директно во крвниот сад што треба да предизвика намалување на големината на хемороидот.

Појавата на хемороиди не треба да се игнорира, бидејќи иако ретко тие понекогаш можат да предизвикаат и посериозни компликации.