Хипофизата е жлезда со внатрешно лачење која е сместена во подножјето на големиот мозок и поради функцијата која ја има во човечкото тело, таа претставува најважна ендокрина жлезда.
Хипофизата е вклучена во производството на многу хормони, а го управува и контролира и функционирањето на сите други ендокрини жлезди во телото.
Оваа жлезда го регулира растењето на човечкото тело, крвниот притисок, работата на бубрезите, размената на материи итн. Токму затоа секое нарушување во функцијата на оваа жлезда прави бурни негативни промени во функционирањето и на други делови од телото.
Точната локација на хиповизата е во средишниот дел во основата на черепот, и таа како функционално така и структурно е поврзана со хипоталамусот. Всушност хипоталамусот е одговорен за нејзиното нормално функционирање.
Хипофизата има два основни дела. Предниот дел или аденохипофиза е одговорен за за производство и излачување на неколку важни хормони, а тоа се:
- Пролактин
- Фоликулостимулирачки хормон
- Лутеинизирачки хормон
- Тиреостимулирачки хормон (ТСХ)
- Адренокортикотропин
- Хормон за раст
Под надлежност на овие хормони, понатаму е функцијата на другите органи и делови од телото воглавно на тироидната и надбубрежна жлезда, на јајниците, тестисите, како и на млечните жлезди.
Окситоцинот и вазопресинот ги ослободува задниот дел или неурохипофизата, каде се складирани и се произведени од хипоталамусот.
Адренокортикотропин е хормон кој ја регулира работата на надбубрежните жлезди.
Хормонот за раст го стимулира растот на човечкото тело, ткивата и коските.
Лутеинизирачкиот хормон ги стимулира машките и женски полови органи за ослободување на половите хормони, поточно тестостерон кај мажите и естрогени хормони и прогестерон кај жените.
Фоликулостимулирачкиот хормон е одговорен за производство на сперматозоиди и јајце клетки
Пролактинот го регулира развојот на градите и производството на мајчино млеко кај жените.
Тироидстимулирачкиот хормон (TSH) и сигнализира на тироидната жлезда да произведувава потребна количина на тироидни хормони.
Секое нарушување во функцијата на хипофизата, неминовно негативно с еодразува врз функцијата на целиот човечки организам.