Настинката претставува вирусна инфекција на горниот респираторен систем, носот и грлото. Постојат повеќе респираторни вируси кои можат да предизвикаат настинка, но добрата вест е што иако е доста непријатна, настинката најчесто е безопасна.
Кај возрасните лица вообичаено е настинка да се појави два или три пати годишно, додека кај помалите деца настинките се многу почести.
Настинката најчесто трае од една недела до десет дена, но доколку лицето е пушач можно е симптомите да потрајат и подолго.
Симптомите на настинката се појавуваат еден до три дена по изложувањет на вирусот и тоа најчесто се:
- Конгестија
- Затнат или растечен нос
- Болка во грлото
- Кашлање
- Умерени болки во телото и блага главоболка
- Кивање
- Не многу покачена телесна температура
Секретот од носот започнува како безбоен и течен, а потоа може да се претвори во погуст и да добие жолта или зелена боја, што не секогаш укажува на бактериска инфекција.
Во случајот на респираторна настинка не се советува посета на доктор, но доколку не дојде до подобрување на симптомите или доколку тие се влошат, а температурата повеќе од три дена е над 38,5, или при нормализирање и повторно покачување на температурата потребно е да се побара лекарска помош.
На лекар треба да се појде и доколку се појави недостаток на здив, болка во синусите или шум при дишењето.
Кај децата лекарски преглед се препорачува доколку кај новороденчето кое нема наполнето една година температурата се покачи до 38 степени, или кај другите возрасни групи доколку се појави температура која во период од два дена продолжува да расне. Лекарски преглед е потребен и при силно изразени респираторни симптоми, при силна вознемиреност на детето, болка во увото, немање апетит и невообичаена изнемоштеност.
Постојат повеќе видови на риновируси кои можат да предизвикаат настинка, на тој начин што во телото ќе навлезат преку очите, устата или носот. Патот на заразување може да биде преку кашлање, кивање, зборување или при ракување со друго лице или допирање на заразени предмети, по што следи допирање на лицето.
Одржувањето на добра хигиена особено на рацете и избегнувањето на близок контакт со болните лица, претставува природен и ефикасен начин за зачувување на сопственото здравје.