Анемијата е состојба при која на телото му недостасува доволен број на црвени крвни клетки, кои се потребни за пренос на кислородот до сите ткива во телото.
Има различни видови на анемија, и различни причини за нивно појавување. Анемијата може да е краткотрајна, но може да претставува и долгогодишен проблем, а разлики може да постојат и во поглед на тежината и сериозноста на состојбата.
Понекогаш појавата на анемија може да сугерира и на постоење на некоја друга болест во телото и затоа кога ќе се појави таа не смее да се игнорира.
Најчест тип на анемија е железо – дефицитарната анемија. И самото име кажува дека таа се појавува поради недоволна количина на железо.
Железото е неопходно за создавање на хемоглобин и правилно функционирање на еритроцитите. Неговиот недостаток доведува до чувство на целосна изнемоштеност, хроничен замор, немање елан, неизмерна желба за спиење, намалена виталност, ослабен имунитет, и проблеми кои може да се појават како со психичкото така и со физичкото здравје.
Ваквите симптоми заедно со бледиот тен на кожата, скоро секогаш укажуваат на постоење на железо-дефицитарна анемија. Ваквиот тип на анемија обично се јавува поради несоодветна исхрана и недоволен внес на железо во телото, или поради негова поголема загуба, како што е на пример случајот со појава на ваков тип на анемија кај жените со обилни менструални крварења или кај лицата кои имаат проблеми и крварења во дигестивниот тракт.
За среќа лекувањето на овој тип на анемија не е многу комплицирано и симптомите исчезнуваат доколку во исхраната се внесе поголема количина на железо, со корегирање на исхраната, со додавање на лекови или со употреба на квалитетни додатоци во исхраната кои содржат железо.
На пазарот постојат различни додатоците на исхраната, и во нив обично се содржи препорачаната доза од 14 мг железо на ден.
Целта на терапијата на овој тип на анемија е преку покачување на нивото на железо во телото, да се:
- Покачи вредноста на хемоглобинот
- Да се зголеми бројот на црвени крвни клетки
- Да се зголеми дотокот на кислород и хранливи материи во сите клетки во телото
А со тоа да исчезнат и симптомите, односно:
- Да се врати силата и еланот
- Да се надмине хроничниот замор
- Да се зголеми физичката и ментална енергија
Освен препарати кои содржат чисто железо, за третирање на овој тип на анемија најчесто се даваат и витаминот Б12, фолатот и витаминот Ц.
Самодијагностицирањето треба да се избегнува, и доколку се појават некои од погоре споменатите симптоми, треба да се посети лекар.