За појава на проблеми со меморијата може да има многу причини, и иако не секогаш станува збор за Алцхајмерова болест сепак навремената дијагноза и третман имаат големо значење.
Сите понекогаш забораваме, а заборавањето претставува и нормален дел од процесот на стареење. Понекогаш зад проблемот со заборавањето се крие сериозен проблем или болест, а понекогаш станува збор за состојба која може да се менаџира и со нејзино разрешување да се надминат и проблемите со меморијата.
Доколку проблемите со меморијата се резултат на стареењето тогаш тие не би требало да го спречуваат лицето да има квалитетен и продуктивен живот.
Овие промени во меморијата често може да се третираат и не му пречат на лицето да живее независен живот и да ги извршува секојдневните обврски самостојно.
Деменцијата од друга страна се јавува постепено и со тек на време негативно влијае не само врз меморијата туку и врз расудувањето, говорењето итн.
Таа за разлика од проблемот со меморијата кој се појавува со стареењето почнува да создава пречки во секојдневниот живот.
Првите знаци кои укажуваат на деменција се:
- Повеќе пати прашување на истото прашање
- Заборавање на зборовите во тек на говорот
- Кажување на погрешни зборови во тек на конверзацијата
- Извршување на секојдневни активности многу побавно отколку порано
- Промени во расположението без конкретна причина
Многу здравствени проблеми можат да предизвикаат проблеми со меморијата кои се од реверзибилна природа иако навидум личат на деменција.
Токму затоа кога ќе се појават проблеми со меморијата потребно е да се направи навремена дијагностика и да се открие причината.
Ако причината е од реверзибилна природа со нејзино третирање надминати ќе бидат и проблемите со меморијата. Таков е случајот кога на пример заборавањето е резултат на употреба на некои лекови, со прекинување на нивната употреба би требало да се поправи и помнењето, понекогаш лековите може да предизвикаат и ментална конфузија, но и таа може најчесто може да се надмине со прекинување на терапијата или со замена на лекот.
Проблеми со меморијата може да предизвика и паѓањето на глава или да бидат последица од некаква траума или повреда.
Стресот, големите емотивни шокови, нарушувањата како што се депресијата или анксиозноста истотака можат да предизвикаат проблеми со меморијата.
Хроничниот алкохолизам негативно влијае врз мозокот, тој може да предизвика и оштетувања, а не само проблеми со меморијата. Проблемите од употребата на алкохол понекогаш стануваат и поинтензивни доколку алкохолот се пие за време на употребата на некои лекови.
Недостатокот на некои витамини, а особено на витаминот Б 12 може да предизвика проблеми со меморијата кои најчесто можат да се надминат со негово суплементирање.
Луѓето кои имаат намалена функција на тироидната жлезда, односно хипотироидизам истотака може да се соочат со поголемо заборавање на работите и со отежнато размислување.
Туморите, инфекциите и воспалувањата на мозочното ткиво можат да предизвикаат проблеми со меморијата и симптоми кои наликуваат на деменција.
Но, секогаш кога ќе се појави невобичаено заборавање се препорачува да се посети лекар, наместо да се претпоставува која е причината.