Што треба да знаеш за хемороидите

 

Хемороидите се отечени вени кои се наоѓаат во анусот и во долниот дел на ректумот, и се појава слична на варикозните вени.  Тие можат да се создадат во внатрешниот дел на ректумот и тогаш се нарекуваат внатрешни хемороиди, или да се создадат под кожата околу анусот и тогаш станува збор за надворешни хемороиди.

Хемороидите се многу честа појава, се појавуваат од време на време кај поголемиот дел од луѓето, поради различни причини, а понекогаш причината за нивното појавување знае да биде и непозната.

Знаците и симптомите зависат од типот на хемороидите.

Во случај на надворешни хемороиди симптомите се следни:

  • Чешање или иритација во пределот на анусот
  • Болка или нелагодност
  • Отекување околу анусот
  • Крварење

Внатрешните хемороиди се наоѓаат внатре во ректумот.  Тие ретко предизвикуваат нелагодност и најчесто не можат ниту да се видат.  Најчестите симптоми и проблеми се појавуваат при дефекацијата.

Симптомите при внатрешни хемороиди се следниве:

  • Крварење при дефекација кое не е пратено со болка и се забележува како светло црвена крв во тоалетот или на тоалетната хартија.
  • Болка и иритација кога внатрешниот хемороид излегува низ аналниот отвор.

Компликациите од хемороидите се ретки, но сепак може да се случат и тоа најчесто се:

  • Анемија – иако ретко, хемороидите може да бидат причина за хронична загуба на крвта и намалувајќи го на тој начин бројот на црвените крвни клетки да предизвикаат анемија.
  • Задушен хемороид – ако дојде до прекинување на снабдувањето со крв на некој внатрешен хемороид, хемороидот може да се задуши и да предизвика екстремно силна болка.
  • Тромб – понекогаш тромбови може да се формираат и во хемороидите, и иако ваквиот тромб не е опасен тој сепак може да предизвика силна болка и да е потребно да се извади.

Проблемите со хемороидите најчесто се третираат во домашни услови со промена на животниот стил и употреба на различни препарати, но во некои случаи потребно е да се посети и доктор.

Посета на лекар се советува во случај кога постои крварење за време на празнењето на цревата или кога проблемот не се подобрува по една недела од домашното третирање.