Симптоми и ризици за развој на старечка макуларна дегенерација

Старечката макуларна дегенерација, е болест на окото која најчесто е резултат на самиот процес на стареење, и се манифестира со заматување на централното видно поле.

Симптомите на старечката макуларна дегенерација зависат од видот и од фазата до која е развиена болеста.

Во случајот на сува макуларна дегенерација:

  • Во раната фаза од болеста нема  никакви симптоми
  • Во средната фаза од болеста можно е или да нема симптоми или кај некои луѓе да се појават благо замаглување на централниот вид, или потешкотии со гледањето при помало ниво на светлина.
  • Во доцната фаза (и кај влажниот тип) повеќето луѓе забележуваат дека правите линии почнуваат да им личат брановидно, или забележуваат појава на замаглен дел во централниот дел од визијата.  Со тек на времето овој заматен дел може да се зголемува или пациентот да почне да гледа празни места во видното поле.  Боите почнуваат да изгледаат побледо и се зголемуваат проблемите со видот при низок степен на светлина.

Еден од најзагрижувачките симптоми кој не смее да се игнорира и при чија појава веднаш е потребно е да се посети лекар е брановидното гледање на правите линии.

Ризикот за развој на оваа болест се зголемува со возраста.  Лицата кои имаат повеќе од 55 години имаат и поголем ризик за развој на старечка макуларна дегенерација.

На поголем ризик се изложени и оние со фамилијарна историја на болеста, како и пушачите.

Заедничко нешто што им се советува на сите лица со зголемен ризик за развој на оваа болест, се редовните офтамолошки прегледи, особено поради самиот факт дека оваа болест во почетокот не покажува некои видливи симптоми.

Според експертите, ризикот за прогресивен развој на оваа болест може да се намали на некој од следниве начини:

  • Не пушење
  • Редовно спортување
  • Одржување на нормален крвен притисок
  • Одржување на нормален холестерол
  • Здрава исхрана, со акцент на зелен лиснат зеленчук и риба

Терапијата за оваа болест зависи од видот и фазата во која се наоѓа.  Во иницијалната фаза и во случајот на сува макуларна дегенерација нема терапија, но во средната фаза најчесто се советуваат одредени додатоци во исхраната кои можат да помогнат забавувајќи го влошувањето на состојбата.

Докажано е и дека доколку болеста се развила само во едното око, додавањето на специјални суплементи може да го спречи нејзиниот развој и во другото око.

Ваквите суплементи содржат висока концентрација н аодредени витамини , минерали и фитонутритиенти, а најчесто тоа се витамин Ц, витамин Е , бакар, цинк, лутеин и зеаксантин.