Проблемите со меморијата се придружна појава на стареењето, и се зголемуваат како што се зголемува и возраста, но за среќа постојат некои начини со кои може да се адресираат овие проблеми и да се заштити здравјето на мозокот.
Но стареењето не е единствената причина за поголемо заборавање, туку врз ризикот за развој на Алцхајмерова болест, деменција или поголемии проблеми со меморијата влијаат и многу други фактори во комбинација со возраста.
Така на пример луѓето со поголем процент на масно ткиво не само што имаат поголем ризик за развој на дијабетес и висок крвен притисок, туку имаат поголем ризик и за да развијат проблеми со меморијата како што стареат.
Се смета дека причината е во тоа што гојазноста го зголемува ризикот за развој на цереброваскуларни болести, кои често водат до проблеми со меморијата и развој на деменција.
Од друга страна охрабрувачки се резултатите од студиите кои покажале дека здравиот избор на храна, која е богата со антиоксиданси и здрави масла има протективно дејство врз намалувањето на когнитивните способности и меморијата кои се случуваат со стареењето.
Особено поволно дејство имала медитеранската исхрана богата со ладно цедено маслиново масло, боровинките, јагодите, доматите, брокулата, како и витамините Е и Ц.
Од друга страна исхраната која е богата со јаглехидрати кои имаат висок глицемиски индекс се покажала како исклучително неповолна, затоа што го зголемува ризикот за појава на дијабетес, мозочен удар и васкуларна деменција.
Покажано било и дека одржувањето на интелектуалната активност со тек на годините има протективен ефект и ја заштитува меморијата. Интересно е што со некои студии било докажано и дека оние лица кои имале повисока ментална функција во дваесетите години од нивниот живот, како што стареат имаат подобра конгнитивна функција во споредба со другите.
Истотака оние лица кои и во подоцнежните години од животот минуваат време читајќи или извршуваат ментално стимулирачки работи, подолго време не развиваат проблеми со меморијата.
Врз база на повеќе различни студии кај луѓе и кај експериментални животни било заклучено дека континуираното и доживотно стимулирање на интелектуалната и ментална активност на мозокот е пожелно за одржување на неговото здравје, и не само што помага за одржување на добра меморија, туку истовремено заштитува од намалување на когнитивната способност.
Но, и некои други животни искуства како што на пример се повредите и траумите на главата или онесвестувањето кое траело повеќе од еден час, се покажало дека можат дури и дупло да го зголемат ризикот за развој на Алцхајмерова болест подоцна во животот.
Пушењето истотака се смета за многу штетна навика која го зголемува ризикот за развој на поголеми проблеми со меморијата со стареењето.
Добрата вест за пушачите е што било докажано и дека со прекидот на пушењето на билокоја возраст, се намалува ризикот за појава на Алцхајмерова болест.