Стресот како една од главните причини за гојазност

Во денешно време кога  луѓето се изложени на поголемо ниво на стрес, забележан е и тренд на рапидно зголемување на бројот на гојазни лица, и тоа во сите возрасни групи.  Но, тоа всушност  не е неочекувана појава затоа што луѓето кога се под голем стрес, не внимаваат на здравите навики, и најчесто посегнуваат по нездрава храна или ја занемаруваат физичката активност.

Редовните и здрави оброци и вежбањето, во моментите на преголем стрес лесно се забораваат, и поголемиот внес на калории и помалото трошење на истите неминовно резултира со зголемување на телесната тежина.

За среќа покачувањето на телесната тежина како резултат на преголем стрес може да се избегне, и тоа доколку се применат некои од следниве совети:

Физичката активност треба да биде дел од секојдневието

За човекот да биде здрав и виток, мора да одржува редовна физичка активност, затоа што таа не само што помага за поголема и побрза потрошувачка на внесените калории, и на тој начин ја одржува нормалната телесна тежина, туку истовремено претставува важна алатка за намалување на стресот.

Безоглед дали станува збор за утринска или попладневна прошетка,  тренирање во некој спортски клуб или посета на фитнес центар, континуираната физичка активност е незаменлива во борбата против гојазноста.

Здравата и балансирана исхрана секогаш мора да биде приоритет

Иако стресот ја зголемува потребата за посегнување по брза и нездрава храна, кога станува збор за здравата исхрана не смее да постојат никакви изговори.

Компулсивното јадење со цел да се побара утеха во храната, или моментално да се постигне чувство на опуштеност, со тек на времето прави поголема штета отколку корист и не само што предизвикува дебелеење туку создава и маѓепсан круг затоа што последовaтелно го зголемува и нивото на стрес, кое поттикнува уште поголема потреба за козумирање на поголеми количини на нездрава и брза храна.

Да се одржува добра хидратација на телото

Докажано е дека луѓето честопати кога се жедни, а кога се под поголем стрес, потребата за течност погрешно може да ја протолкуваат како глад.

Погрешното доживување на потребата за пиење на  вода како потреба за јадење на храна, доведува до внесување на повеќе калории од што е потребно, и до покачување на телесната тежина.

Токму затоа на сите кои сакаат да бидат витки, им се препорачува пиење на доволна количина на вода во тек на денот, и одржување на добро хидрирано тело.

Здраво менаџирање на стресот

Практикувањето на различни техники за намалување на стресот, се смета за здрав начин за менаџирање на стрес и не само што помагаа за одржување на нормална телесна тежина, туку има и многу полезно влијание и врз севкупното здравје на човекот.