Прв чекор во менаџирањето на покачениот крвен притисок е промената на исхраната и на животниот стил, а доколку покачениот притисок е резултат на постоењето на некоја друга болест тогаш потребно е да се третира и примарната причина.
Промената во начинот на живеење и исхрана, како што е одбегнувањето на солена храна и редовната физичка активност во голем број на случаи резултира со позитивен ефект, но доколку крвниот притисок не се намали доволно, тогаш се препишуваат и лекови за негово намалување.
Најчесто употребувани лекови за третман на хипертензија се следниве:
- Бета блокатори
Оваа група на лекови ја забавува работата на срцето и прави тоа да чука со помалку сила, на тој начин се намалува количината на крв која при секое отчукување се исфрла во артериите, а со тоа се намалува и крвниот притисок. Бета блокаторите имаат способност и да го блокираат дејството на некои хормони во телото кои би можеле да го покачат притисокот.
- Диуретици
Оваа група на лекови ја потпомага елиминацијата на вишокот на течност од телото и на тој начин го намалува покачениот крвен притисок. Високото ниво на натриум и големото ниво на течност во телото може да го зголеми притисокот, а диуретиците делуваат така што им помагаат на бубрезите да го отстранат вишокот на течност и да го намалат нивото на натриум.
- АЦЕ инхибитори
Овие лекови го блокираат ангиотензин конвертирачкиот ензим, со чие намалување се намалува и притисокот затоа што крвните садови се релаксираат.
- Ангиотензин 2 блокатори на рецептор
Во споредба со АЦЕ инхибиторите овие лекови не го сопираат создавањето на ангиотензин, туку го спречуваат да се врзе за рецепторите и да го пројави своето дејство врз зидовите на крвните садови, и токму така крвните садови се релаксираат и притисокот се намалува.
- Алфа -2 агонисти
Овие лекови делуваат така што ги менуват нервните импулси ои доведуваат до стегање на крвните садови. Со тоа крвните садови се релаксираат и вредноста на крвниот притисок се намалува.
- Блокатори на калциумови канали
Овие лекови го намалуваат количеството на калциум кое влегува во срцевиот мускул. И тоа доведува до помалку силно отчукување на срцето и понизок притисок врз зидовите на артериите. Дополнително овие лекови делуваат и на самите крвни садови и прават тие да се релаксираат со што понатаму се намалува притисокот.
Во случај кога се користат лекови, докторот продолжува редовно да ја следи состојбата за да осигура дека притисокот е нормализиран, но и за да примети ако лекот со тек на времето го загубил своето првично дејство.
Вообичаено е со тек на годините терапијата да се менува, но без оглед дали кај пациентот терапијата останала долго време иста или почесто се менувала, редовните контроли односно мерења на притисокот треба да редовно да се практикуваат.