Терапевтски пристап во лекување на генитална микоплазма

Mycoplasma genitalium е вид на бактерија која се пренесува при сексуален контакт, односно предизвикува сексуално пренослива болест.  Таа може да предизвика чешање во вагината, печење при уринирањето, крварење на кожата околу вагината,болка при сексуалниот однос или појава на невообичаен исцедок со мирис на риба по сексуалниот однос, а кај мажите исцедок од уретрата или печење при уринирањето.

Микоплазамата може да биде виновник и за појава на бактериска вагиноза или на негонококен уретритис, а забележано е и предизвикување на пелвична инфламаторна болест.

При појавата на непријатни симптоми се советува да се појде на лекар и да се направат потребните тестови со цел да се избегне давање на погрешна терапија која би била базирана само на појава на видливи симптоми.

Најчеста терапија која се дава за третман на инфекција со микоплазма, била единечна доза од 1г азитромицин.  Но, истовремено во поново време голема е можноста овој антибиотик да не делува врз микоплазмата поради тоа што таа мутирала и станала резистентна на неговото дејство.

Токму затоа пред почеток на третманот се препорачува да се направи тестирање кое би покажало дали бактеријата е резистентна на азитромицин, и потоа се избира најсоодветната терапија.

Доколку бактеријата не е мутирана во терапијата може да се користи доксициклин и азитромицин, а доколку е резистентна на азитромицин тогаш терапијата повторно вклучува употреба на доксицкилин, по што следи употребата на друг антибиотик односно моксифлоксацин.

Доколку од билокоја причина не е возможно да се провери резистентноста на микоплазмата, препораките се сепак да не се користи азитромицин.

Бета лактамските антибиотици како пеницили и цефалоспорините не даваат резултат во третманот на инфекциите предизвикани од овој микроорганизам, затоа што микоплазмата е специфичен вид на бактерија која нема клеточен ѕид.