Третман на замастен црн дроб и компликации

За третман на замастен црн дроб, нема конвенционални лекови.  Затоа третманот во основа се состои во промена на животните навики, со цел не само да се подроби состојбата туку и потполно да исчезне.

Доколку причина за појавата на замастен црн дроб е прекумерното конзумирање на алкохол, најбитна и најитна работа е да се престане да се пие.

Доколку замастениот црн дроб е од неалкохолно потекло тогаш најчестите препораки кои се даваат се следниве:

  • Да не се пие воопшто или да се пие малку алкохол
  • Да се јаде здрава храна
  • Да се избегнува шеќер
  • Да се одржува нормална телесна тежина
  • Редовно да се вежба
  • Да се контролира шеќерот во крвта
  • Да се нормализира холестеролот
  • Да се избегнуваат лекови со хепатотоксично дејство
  • Да се прекине пушењето

Доколку пациентот не може сам да се снајде и да ги напрви потребните промени, во третманот освен лекар може да се вклучи и диететичар, или советник за одвикнување од алкохол или од употреба на супстанции со психотропно дејство.

Доколку е неопходно потребно е и во целост да се избегнува мрсната храна.  Дополнително може да биде советувано во целост да се избегнува и храната која содржи шеќер вклучувајќи го и шеќерот во овошјето, односно фруктозата.

Иако специфичен лек за лекување на замастениот црн дроб нема, понекогаш лекарите препишуваат лекови за регулирање на мастите или шеќерот во крвта.

Но, затоа што се е подобро да се спречи отколку да се лечи, така и во случајот на замастениот црн дроб, паметно е да се превземат и чекори за превенирање на неговата појава.

Главните чекори за превенирање на оваа болест, се поклопуваат со препораките за нејзиното лекување:

  • Да се има здрава и балансирана исхрана, базирана на интегрални житарки, здрави масти, овошје и зеленчук.
  • Да се одржува здрава телесна тежина
  • Да се биде физички активен повеќето денови во неделата

Иако кај многу луѓе замастениот црн дроб не предизвикува сериозни последици, неговата појава не смее да се игнорира, затоа што понекогаш можно е да предизвика и воспаление и да доведе до развој на едно многу посериозно заболување наречено неалкохолен стеатохепатитис.

Ова заболување во кое постои и воспалителен процес може да доведе и до посериозно оштетување на црнодробните клетки, и да прогресира до појава на цироза која претставува сериозна опасност по животот, и која кај неколи луѓе може да предизвика и појава на рак.

Други компликации кои можат да произлезат од замастениот црн дроб се зголемениот ризик за појава на срцев и мозочен удар.