Уролитијаза е состојба при која во бубрезите се создаваат цврсти депозити од минерали и соли, односно бубрежни камења.
Има повеќе причини и ризик фактори кои можат да доведат до формирање на вакви депозити во бубрезите, тоа на пример може да биде изборот на храна, телесната тежина, некои здравствени состојби, како и употребата на некои лекови и суплементи.
Каменчиња можат да се формираат во различни делови од уринарниот тракт, и се смета дека веројатноста за нивното формирање е поголема во случаи кога урината е поконцентрирана.
Камчињата се создаваат како резултат на кристализација и прилепување на калциумот, оксалатите и уричната киселина, кога за тоа ќе се создадат поволни услови.
Постојат неколку различни вида на бубрежни камења, и откривањето на видот на каменот може да помогне за одредување на соодветни насоки за третман и превенција. Затоа кога пациентот ќе успее да исфрли бубрежен камен се советува истиот да го зачува и однесе кај лекарот.
Постојат следниве видови на бубрежни камења:
- Калциумови камења – повеќето бубрежни камења се од калциум, најчесто во форма на калциум оксалат. Оксалатот е супстанција која природно се создава во црниот дроб, или се апсорбира од храната.
Во храна богата со оксалати спаѓаат некои овошја и зеленчуци, како и јатки и чоколада. Диететските фактори во комбинација со висока концентрација на Д витамин како и некои други фактори можат да ја зголемат концентрацијата на калциум и оксалати во урината, а со тоа да ја зголемат и можноста за создавање на камчиња од калциум оксалат.
Калциумот понекогаш може да формира и соединенија со фосфорот и да се создадат камчиња од калциум фосфат, најчесто при употреба на некои лекови или имање на метаболни нарушувања.
- Струвит камчиња – овој тип на камчиња најчесто се појавува како резултат на уринарна инфекција и се одликуваат со брз раст.
- Камчиња од урична киселина – овие камчиња се појавуваат кај луѓето кои губат повеќе течности, кај оние кои страдаат од малапсорбција или хронична дијареа, како и кај лицата кои внесуваат повеќе протеини или имаат дијабетес или метаболен синдром. В создавањето на овој тип на камчиња улога може да имаат и генетските фактори.
- Камчиња од цистин – овие камчиња се формираат кај луѓе кои имаат наследна болест цистинурија, кога бубрезите екскретираат премногу од амино киселината цистин.
Третманот на уролитијаза најчесто вклучува пиење на повеќе течности и земање на лекови против болка, доколку нема некои други компликации како на пример уринарна инфекција поради заглавеност на камчето.
Исфрлањето на бубрежен камен може да биде многу болно, но во најголем број на случаеви не предизвикува долготрајна штета.