Варикозните вени или проширените вени можат да се јават на различни делови од телото, но најчесто се појавуваат во нозете, а причината е зголемениот притисок во венскиот систем кој се појавува при подолго стоење или седење.
За некои луѓе проширените вени се само козметички проблем, но кај други освен што го нарушуваат убавиот изглед на кожата проширените вени може да предизвикаат и нелагодно чувство на тежина и болка, па дури и да доведат до посериозни проблеми.
Носењето на компресивни чорапи, физичките вежби како и одмарањето на нозете во поткрената состојба можат да помогнат, но понекогаш е потребно да се побара и стручна лекарска помош доколку лицето смета дека има проблем со варикозни вени.
Најчести симптоми кои укажуваат на постоење на проширени вени се следниве:
- вените имаа темно виолетова или сина боја
- вените имаат извртен или набабрен изглед
- во нозете се осеќа болка или тежина
- се појавуваат отоци и грчеви во мускулите
- чешање во пределот околу вените
- промена на бојата на кожата околу варикозната вена
Но, секако дека како и за секое друго заболување, подобро е појавата на проширени вени да се превенира отколку да се дијагностицира и лекува.
Искуството покажало дека ризикот за развој на варикозни вени може да се намали преку подобрување на циркулацијата и на мускулниот тонус.
А мерките кои се превземаат за спречување на појавата на варикозни вени се всушност истите мерки кои им се советуваат на лицата кои патат од овој проблем, со цел да си ги олеснат симптомите, и тоа се:
- редовна физичка активност
- одржување на нормална телесна тежина
- јадење на храна богата со растителни влакна, а сиромашна со сол
- избегнување на тесни алишта и високи штикли
- одмарање на нозете со поткренување
- редовно менување на седечката или стоечка положба
Правилното менаџирање на проблемот со варикозни вени, и превземањето на мерки за превенција на создавање на нови, е искучително важно, поради тоа што доколку овој проблем престане да биде само козметички и премине во здравствен, можна е и појава на сериозни компликации како што се: болни чирови на кожата во близина на вените, создавање на тромбови или крварење поради пукнување на некоја површинска вена.